1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата го напушта Собранието

ЖА/миа/макфакс/дв24 декември 2012

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски изјави дека по денешните настани во и пред законодавниот дом, пратениците од опозицијата веќе нема да учествуваат во работа на Собранието на Република Македонија.

https://p.dw.com/p/178a3
Фотографија: MIA

Бранко Црвенковски, лидерот на македонската опозициона партија СДСМ ги повика неговите приврзаници на граѓанска непослушност, најавувајќи, како што наведе, дека на Македонија ќе и‘ случи „општонародно востание“ и „5-ти октомври“, како во Србија.

„Во оваа држава Устав и закон нема, демократија нема, парламент нема. Од едната страна е само еден диктаторски режим, а од другата страна е народот", рече лидерот на СДСМ.

Пратеникот од оваа партија, Игор Ивановски, кажа дека пратениците од опозицијата биле насилно избркани од Собранието и дека по денешните случувања во Македонија веќе нема Парламент.

„Еве ви ги парите. Ќе ја вратиме државата, ќе извојуваме голема победа како партизаните во 1945 година, како македонскиот народ во 1991 година, оти ова не е нивна држава", рече Ивановски, додавајќи: „Се тепаа новинари, пратеници, граѓани".

По обраќањето на Црвенковски, масата пред Собранието почна да се разотидува.

Претходно во текот на денот во македонското Собрание беше усвоен буџетот на земјата за 2013. година.

На седницата не присуствуваа пратеници од опозицијата, кои неколку часа не дозволуваа влез на нивните колеги од владејачкото мнозинство во пленарната сала. Пратениците од власта, сепак, успеаја да влезат, а опозицијата, како што изјавија нејзините пратеници, била насилно исфрлена.

Исто така и на новинарите не им беше овозможено да ги следат настаните во салата. Тие беа принудени да ја напуштат галеријата во салата.

На денешната седница и‘ претходеа и протести пред Собранието на Македонија, едни за да изразат револт поради блокада на буџетот од страна на опозицијата, а други за да искажат поддршка на опозициските ставови во врска со државната каса.

Дополнетиот предлог буџет, Владата го достави вчера во Парламентот по расправата за државната каса што траеше повеќе од еден месец. Опозицијата поднесе над 1.200 амандмани, условувајќи го донесувањето на буџетот со намалување на трошоцита за 204 милиони евра.