1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата во Киргистан формира преодна влада

8 април 2010

По протестите против владата во Киргистан, во кои загинаа 65, а околу 400 луѓе се ранети, опозицијата ја презела власта и ќе формира преодна влада. Владата на претседателот Куманбек Бакијев веројатно побегнала од градот.

https://p.dw.com/p/Mpry
Демонстрантите во КиргистанФотографија: AP

Опозицијата ја презеде контролата над владината зграда, пред која се собрани стотици одушевени граѓани. Според очевидци, претседателот Бакијев побегнал во градот Ош на југот на земјата.

Официјално, на телевизијата тоа не беше потврдено: „Не е јасно каде се наоѓа киргистанскиот претседател Бакијев. Постојат противречни изјави, можно е да се крие во американската воена база“, беше соопштено преку телевизијата.

Kirgisistan Proteste
Протести во КиргистанФотографија: AP

Неговите противници го обвинуваат за корупција и непотизам, за ограничување на слободата на мислење. Населението е огорчено и поради растечките цени и лошата економска состојба, околу една третина од 5,3 милиони жители живеат под границата на сиромаштија: „Народот е незадоволен, пред се‘ младите, тие немаат ништо. Кај нас веќе одамна нема никаква работа, се жали еден од демонстрантите.“

Вчера илјадници од нив провалија во владиното седиште, ги запалија канцеларите на обвинителот и ја ограбија централата на државната телевизија. Полицајците во главниот град стрелаа во масата која го нападна владиното седиште. Според опозицијата, убиени се стотина лица.

Oppositionspolitikerin Rosa Otunbajewa
Опозиционата политичарка Роза ОтунбајеваФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Преодната влада според опозицијата ќе остане на функција шест месеци за да подготви претседателски избори и да подготви нов устав. Отунбајева, која треба да ја предводи, е поранешна министерка во владата на Бакијев, кој на власт е од 2005 година.

Русија, САД и Германија ги повикаа двете страни во Киргистан на разум. Земјата за Запад има голем стратешки интерес, тука САД имаат своја воена база, преку која обезбедуваат дотур во Авганистан. Своја база во Киргистан има и Русија, а Германија своја амбасада како единствена држава од ЕУ.

Автор: ЖА/СН/дв/дпа/ртр/ап

Редактор: Александра Трајковска