1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опожарена црква во Лабуништа

31 јануари 2012

Се’ уште нема прецизни информации за причинета штета во црквата Св. Никола, стара два века. Пожарот во меѓувреме е локализиран.

https://p.dw.com/p/13tRg
По оштетувањата во амбулантата во Лабуништа, сега е опожарена и цркваФотографија: DW

Во етнички мешаното село Лабуништа кај Струга, доцна синоќа била опожарена православната црква Св. Никола. Црквата е стара околу два века и во неа биле чувани вредни икони. Нема прецизни информации колкава е причинетата штета, но според информации на весникот „Вест“, пожарот доцна синоќа бил локализиран, а објектот и вредните икони биле спасени.

Седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко во изјава за повеќе македонски медиуми повика на смирување на тензиите и зачувување на соживотот. Телевизијата Алсат-М, повикувајќи се на изјава на Мерко и на очевидци од селото, тврди дека црквата ја опожариле „две лица од христијанска вера, чиј идентитет бил познат“, а во насловот на веста наведува оти тоа биле Македонци.

Struga Innenstadt, Mazedonien
За тензиите во Струга ќе расправа и Комитетот за односи меѓу заедницитеФотографија: Petar Stojanovski

Инцидентот се случува по повеќедневните меѓуетнички тензии во Струга и протестите на локалното албанско население, како реакција на исмејувањето на исламот и Куранот на карневалот во Вевчани. Пред неколку дена во Струга беше запалено и македонското знаме. Исламската верска заедница вчера обвини дека во Македонија постои исламофобија, која е комбинирана со владина пропаганда.

Денеска во македонскиот парламент треба да заседава Комитетот за односи меѓу заедниците, а единствена точка на дневниот ред се меѓуетничките односи.

Автор: БГ/СН/бета

Редактор: Е.М. Фиданоска