1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасниот живот на иранските нуклеарни научници

12 јануари 2012

Во последниве две години повеќемина ирански нуклеарни експерти беа убиени во акти на насилство. Техеран за овие, исто како и за вчерашната смрт на научникот Мостафа Ахмади Рошан, го обвинува пред се’ Израел, но и САД.

https://p.dw.com/p/13hyf
Четворица убиени нуклеарни научници - Али Мохамади, Дариош Резаи, Маџид Шахриари, Мостафа Рошан

Израел и САД негираа каква било вмешаност во најновиот случај на убиство на ирански атомски експерт во Техеран. „Категорично демантирам какво било учество на САД во насилство од каков било вид во Иран“, изјави американскиот државен секретар Хилари Клинтон. Властите во Техеран не сакаат да веруваат во ваквите изјави. Високи претставници на Иран повторно ги обвинија САД и Израел за вчерашното убиство на научникот Мостафа Ахмади Рошан. Потпретседателот на Иран Мохамад Реза Рахими говореше за заговор на „Големите сили и нивните приврзеници, особено ционистичките сили“.

Иран залудно бара осуда од ОН?

Иран, притоа, ги повика Советот за безбедност и Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун да ја осудат серијата од атентати врз иранските нуклеарни научници. Амбасадорот на Иран во ОН, Мохамад Казае, апелираше до Бан и до Советот најостро да ги осудат овие, како што ги нарече, „сурови, нехумани, криминални и терористички акти.“

Präsident Mahmud Ahmadinedschad besucht die Urananreicherungsanlage in Natans
Иранскиот претседател Ахмадинеџад во посета на централата Натанс (архива)Фотографија: picture-alliance/dpa

„Секаков вид политички и економски притисок или терористички напади насочени врз иранските нуклеарни научници не можат да ја спречат нашата нација да го оствари правото за сопствена атомска програма“, порача Казае. ОН не одговорија на ниту еден од досегашните повици на Иран за осуда на слични атентати. Дури и ако Советот за безбедност се зафати со темата, САД би можеле да вложат вето за да блокираат дури и најблага осуда.

Неколку атентати во последниве две години

Вчера убиениот научник Рошан (32) бил доцент на техничкиот универзитет „Шариф“ во Техеран и раководел со едно од одделенијата за облагородување ураниум во нуклеарната постројка Натанс, во иранската провинција Исфахан.

Според официјални информации од Техеран, вчерашниот напад се случил во близина на плоштадот Кетаби во Техеран, откако еден моторциклист со магнет поставил бомба под возилото на научникот, која експлодирала за време на возењето. Во нападот загинал и возачот на Рошан.

Iran Atomwissenschaftler
Нападите наликуваат еден на другФотографија: Shahr.ir

Иранската новинска агенција Фарс јави дека улични камери го снимиле моторциклистот и оти безбедносните органи ги прегледуваат снимките во обид да го утврдат неговиот идентитет.

Овој атентат многу наликува на претходните напади врз иранските научници поврзани со атомската програма на земјата. Пред околу една година беше убиен физичарот Маџид Шахриари, а пред точно две години во бомбашки напад загина и нуклеарниот научник Масод Али Мохамади.

Автор: Ширин Џазаери/Симе Недевски/ртр/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска