1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасна игра за Балканот

Тони Гламчевски14 октомври 2008

Неколку француски новинари престојуваа во Македонија, за да се запознаат со, за Французите, „неразбирливот“ проблем со името на земјата. Спорот, според нив, не се храни само од античката, туку и од поновата историја.

https://p.dw.com/p/FYlz
Просториите на телевизијата Франс 24Фотографија: AP

„Од пред 17 години Македонија е земја без име“, гласи насловот во влијателниот француски весник „Ла Круа“. „Македонија“ е табу збор за секоја држава која сака да стане членка на ЕУ - вака францускиот државен информативен тв-канал Франс 24 ја започна репортажата посветена на односите меѓу Македонија и Грција.

Двата медиуми ја пренесуваат изјавата на македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.

„Можноста да се најде компромис, зависи од Грција. Но, компромисот, според неа, е да таа наметне име по нејзин избор“, вели Милошоски.

Весникот „Ла Круа“ притоа објаснува дека „Грците не сакаат да го делат наследството на Филип и Александар. Но, Македонците и покрај тоа што се изложени на постојан притисок од 1991 година за да го сменат иметo, не се откажуваат. Македонци се и Македонци треба да се викаат!“

Репортерот на „Франс 24“ со камера забележува дека опцијата за промена на името, за некои во Македонија изгледа неприфатлива. Дел од прикажаниот дијалог на телевизијата изгледа вака:

„А, Вие би го смениле Вашето име?“

„Не!“, одговара францускиот репортер.

„Зошто не го менувате?“, инсистира неговиот соговорник.

„Бидејќи тоа е моето име!“

„Тогаш, што мислите зошто Македонија не го менува своето име?“, завршува неговиот соговорник.

Европските земји не вршат притисок врз Грција поради европската солидарност, нагласува весникот „Ла Круа, кој притоа аналитички потсетува дека историјата на Македонците и Грците е „длабоко поврзана“. Но, грчко-македонската караница, според француските медиуми, не се храни само од антиката, туку и од поновата историја, од последиците на студената војна. „Ла Круа“ и „Франс 24“, за прв пат по долги години, се осврнаа и на проблемот со Македонците-бегалци од граѓанската војна во Грција и на барањата да им се вратат нивните имоти, како и непризнавањето на македонското малцинство во Грција.

Еден анонимен западен дипломат од Скопје, оценува дека „онаа грчка влада која ќе попушти, веднаш ќе биде избришана. Но, и во Скопје промената на името исто така изгледа невозможна, поради кревкоста на земјата. Отворање на дебата за името е опасна игра за Балканот, бидејќи тоа може да го стави во прашање и самото постоење на земјата“, заклучува „Ла Круа“ додавајќи: „Ако двете земји пронајдат компромис за името, тој треба да биде потврден преку референдум, од страна на македонските граѓани.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема