1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН: Предупредување до завојуваните страни во Јужен Судан

ЖА/дпа/ртре26 декември 2013

Генералниот секретар Бан Ки Мун им вети на жителите на Јужен Судан поддршка од ОН, повикувајќи на мирно решение на конфликтот. Советот за безбедност на ОН одлучи да изврши масивно зголемување на трупите во земјата.

https://p.dw.com/p/1Ah39
Фотографија: Reuters

По борбите во Јужен Судан, во кои загинаа стотици лица, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, ги повика конфликтните страни во земјата да најдат мирно решение, зашто тие се одговорни за безбедноста на цивилите.

„Ги предупредувам сите дека ќе одговараат за евентуални злосторства“, изјави Бан во видео порака.

На луѓето во Јужен Судан Бан им вети поддршка од ОН:

„Јужен Судан е во опансост, но не е сам. Знам дека страдате поради страшните напади, цели семејства се во бегство, загубиле некој свој близок, многумина биле нападнати врз основа на својата етничка припадност. Тоа е тешко злосторство против човештвото“, изјави Бан.

ОН претходниот ден одлучија да биде извршено значително зголемување на сините шлемови во Јужен Судан, од 7 илјади на 11.500 припадници.

ОН итно бараат 166 милиони долари за Јужен Судан

Хуманитарните организации имаат потреба од 166 милиони долари за итна помош за жителите на Јужен Судан до март, објавија синоќа Обединетите нации. Бирото за координација со хуманитарни работи наведува дека приоритети се санитарните и здравствените услуги, делењето на храна и водењето на центарот за раселени во судирите и меѓуетничкото насилство во последните денови.

Најмалку 90.000 лица се раселени во последните десет дена, од кои 58.000 се сместиле во базите на ОН, појасни координаторот на ОН во Јужен Судан, Тоби Ланцер. Состојбата е исклучително тешка за населението и важно е хуманитарните агенции да ги имаат потребните средства за спасување на животите во наредните месеци, додаде Ланцер.

Во Јужен Судан траат интензивните судири од 15 декември. Претседателот Салва Киир го обвини својот поранешен потпретседател Рјек Мачар за државен удар, додека овој го обвинува дека сака да ги елиминира своите противници.