1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН го критикува Израел за нападот врз хуманитарната флота за Газа

2 септември 2011

Во извештајот на ОН за нападот врз бродовите со хуманитарна помош за Појасот Газа, израелската операција е критикувана како „прекумерна“. Истовремено, израелската поморска блокада на Појасот Газа е оценета како легална.

https://p.dw.com/p/12RrK
Фотографија: AP

Весникот „Њујорк Тајмс“ дојде до финалниот извештај на Истражната комисија на ОН за поморскиот инцидент. Извештајот на ОН кој првобитно требаше да биде завршен во февруари, треба официјално да биде објавен денеска. Во него уште се наведува дека Израел мора да се извини за своите постапки и на семејствата на загинатите да им исплати отштета.

Во нападот на израелските командоси на 31 мај 2010 година на флотата која превезуваше хуманитарна помош за Газа, беа убиени најмалку деветмина про-палестински активисти од турска националност. По овој инцидент сериозно беа заострени односите меѓу Анкара и Ерусалим.

Комисијата на ОН, која ја предводи поранешниот премиер на Нов Зеланд, Џефри Палмер, во извештајот наведува дека израелските командоси при упадот на бродот Мави Мармара се соочиле со „организиран и насилен отпор“.

„Меѓутоа, израелската одлука да се влезе во бродот со употреба на масивна сила, на голема оддалеченост од  зоната на блокада и без конечно предупредување пред упадот, била претерана и несразмерна“ , се заклучува во извештајот.

Автор: СН/ЕМФ/афп

Редактор: Борис Георгиевски