1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

О'Нил: Вистината е дека Грција не сака решение за името

СН/емф/миа/твс23 февруари 2014

Првиот посредник во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Робин О'Нил, во интервју за ТВ Сонце истакнува дека доколку Македонија не биде примена во НАТО треба да бара прием во ОН под уставното име.

https://p.dw.com/p/1BE48
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Македонија ги исполнува двата услова за да биде членка на НАТО, согласно формалната позиција на Алијансата дека членството е отворено за која било европска држава во позиција да ги унапреди принципите на договорот и да придонесе за безбедноста на северноатлантската област. Доколку не биде примена во НАТО на следниот самит, Македонија треба да бара прием во ОН под уставното име, смета Робин О' Нил, амбасадор и прв медијатор во грчко македонскиот спор околу името.

Затоа, смета О' Нил, македонската Влада треба да лобира кај сите членки на НАТО и да ги замоли да прифатат дека во оваа работа, тие треба да бидат подготвени да дејствуваат со консензус, дури и со еден член со приговори, и да се прими Македонија во членство на Алијансата на следниот состанок на Самитот на НАТО, во Обединетото Кралство, во септември.

Робин О' Нил во интервјуто за ТВ Сонце ја коментира и неодамнешната посета на вицепремиерот и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос на Македонија и посочува оти тој има земено нова и уште потешка линија за нормализирање на односите со Македонија од кога било досега, што се однесува до прашањето за името и членство на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Вистината е дека Грција не сака решение на прашањето за името, бидејќи таа знае дека единственото можно решение е финално признавање на Република Македонија под нејзиното правилно и легално име: Република Македонија. Затоа Грција прави сe‘ што може, и тоа за повеќе од 20 години, да нема завршување на овој спор. Причината е едноставно дека секоја грчка влада стравува дека да се прифати решение, ќе ја направи непопуларна дома. Грција вели дека единствен начин да се реши прашањето за името е да се продолжи со разговорите под покровителство на Обединетите нации, преку посредникот Метју Нимиц. Но и таму, и во целиот период пред Нимиц, Грција никогаш не преговара сериозно за прашањето за името со предлагање на каков било реален предлог, иако последователни македонски влади биле подготвени да бараат компромис“, вели во интервјуто амбасадорот и прв посредник во спорот за името, Робин О'Нил.