1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Она што го видов, ме промени”

Бетина Маркс8 ноември 2006

Најновата операција на израелската армија остави длабоки душевни рани кај огорчените Палестинци

https://p.dw.com/p/Advz
Беит Ханун: последици од израелската акција
Беит Ханун: последици од израелската акцијаФотографија: AP

Израелските трупи по повлекувањето оставија зад себе пустош и смрт во Беит Ханун во северниот дел на појасот на Газа. Убиени беа 60-ина луѓе, голем дел од куќите е разурнат, улиците раскорнати. Израелската воена операција, покрај надворешните разорувања и повреди, предизвика и многу внатрешни, душевни рани.

Абу Салем, помлад брадосан човек, татко на седум деца, беше меѓу првите што беа уапсени по навлегувањето на трупите. Преку звучници машките жители на Беит Ханун беа повикани да дојдат кај џамијата Наср во центарот на градот. “Прво не сакав да излезам. Знаев дека нема само да бидам сослушуван, туку ќе бидам и понижуван. Но, погледав низ прозорецот и видов дека беа излезени многумина од соседите. Си помислив: ’Ако не излезам, тогаш тие ќе дојдат во мојата куќа‘ и така излегов”.

Абу Салем бил задржан целиот ден, со врзани раце и нозе, со превез преку очите. “При сослушувањето очите ми беа врзани, па сепак можев малку да ѕирнам. Видов дека офицерот седи на столица и го прашав дали може и мене да ми донесе. Тој тогаш стана и два пати ме удри в стомак, потоа поцврсто ми го стегна превезот, за веќе да не можам ништо да видам”.

Од таква судбина поштеден беше Абед. За време на шестдневната израелска воена офанзива, со која требаше да им биде ставен крај на палестинските напади со ракети Касам врз израелски населени места, тој не беше дома, кај бремената сопруга и шесте деца. Кога започна офанзивата, со своето жолто такси беше во Газа. За да го избегне апсењето, не се врати дома.

Но, неизвесноста му ги кинеше нервите. Со денови се обидувал да добие информации, посетувал болници, разговарал со ранети и со пуштени од затвор. Постојано возел на поголемо растојание покрај својот град, обидувајќи се со свои очи да види што се случува таму. “260 тенкови и 60 булдожери, 6 илјади израелски војници. Сакам да знам: го нападнаа ли тие Хезболах или што прават? 260 тенкови за да го нападнат тоа место! Еден тенк тежи 60 тони. Кога тој ќе се насочи кон некоја куќа, од неа не останува многу. 260 тенкови. Што треба да се мисли за една таква земја?” – се прашува Абед.

Неговиот очај станувал се’ поголем, како и неговиот гнев. “Доста е, ова веќе не можам да го издржам”, велеше постојано. “Ти велам: она што го видов, ме промени. Порано бев против тоа да се убиваат цивили – се’ едно Евреи или муслимани. Но, во меѓувреме поинаку гледам на работите. Сега посакувам да бидат убиени и израелски цивили. Кога гледам дека е убиено 4-годишно дете, дека се убиени жени, тогаш ги мразам. Ги мразам Евреите, не само Израелците, туку и Евреите во Америка. Ги мразам, кога го гледам ваквиов живот”.

Абед, со глас што трепери од возбуда, постојано повторува дека посакува и Израелците да страдаат како Палестинците. Човекот, инаку со блага природа и духовит, кој течно зборува хебрејски и секогаш беше полн со надеж, сега е огорчен и бесен. “Мојот 10-годишен син сака да биде шахид, маченик” – вели тој и се прашува дали би го запрел, кога како самоубиец би тргнал кон Израел. “Секогаш се надевав дека некогаш тој ќе може да води мирен живот. Сакав да биде лекар, филмска ѕвезда или инженер. Но, со овој живот? Не, веќе немам ништо по што би плачел: мојот живот е на крај, нашите синови се мртви. Сакам само уште да се борам”.