1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОМО „Илинден“ тешко стигнува до правдата

12 јуни 2009

Бугарија успева да добие во време во случајот со регистрацијата на политичката партија на Македонците во оваа земја и покрај одлуките на Европскиот суд за правата на човекот. Дали тоа никој не го гледа?

https://p.dw.com/p/I87R
Софија добива во време во Стразбур

Во „надмудрувањето“ со Советот на Европа околу повторната регистрација на ОМО Илинден Пирин, Бугарија е на прагот да ја наметне својата визија за пресудата на Европскиот Суд за правата на човекот. Неколку дена пред расправата за овај случај пред Комитетот на министрите, бугарските власти декларативно соопштија дека ќе ги почитуваат и целосно спроведуваат пресудите на судот од Стразбур. А претходно на 19 мај по трет пат ја одбија повторната регистрација на ОМО Илинден Пирин. Комитетот на министрите е запознат со ова, но изненадува неговата реакција, нарекувајќи го „интересен“ фактот што повторно одбиената регистрација на ОМО Илинден-Пирин, повеќе не се темели врз истите оправдувања поради кои му беше поништетна регистрацијата.

Комитетот притоа изразува и задоволство по декларациите на бугарската влада, која не гледа пречки поради кои организацијата на македонското малцинство во Бугарија може да се регистрира како политичка партија, ако ги почитува формалните законски барања за политичка партија. Извршниот орган на СЕ во септември сака да го затвори случајот како решен, не водејќи сметка дека Европскиот суд за правата на човекот се‘ уште нема донесено одлука околу повторните неуспешни обиди за регистрација на партијата.

Игнорирано потсетување

Во интерпретацијата на пресудата „ОМО Илинден –Пирин против Бугарија“, Секретаријатот задолжен за следење на пресудите на Европскиот суд за правата на човекот, во февруари 2007, ја потсети Бугарија дека во другите случаи, за кои се има изјаснето Европскиот суд за правата на човекот, а кои се однесуваат на кршење на правото на слободно здружување заради распуштање или одбивање на регистрацијата на организации или политички партии, Комитетот на министрите се погрижил да се испочитува принципот restitutio in integrim, тужената држава да ги укинe законите според кои е одбиена регистрацијата или е направено распуштањето. Односно враќање во првобитната ситуација.

Frankreich Elsass Europaparlament in Straßburg
Фотографија: picture-alliance / dpa

Од Советот на Европа во Стразбур никој Европа не сакаше да разговара на оваа тема. Единствено, ни беше речено дека случајот „ОМО Илинден-Пирин е чувствителен и дека целокупната документација за него ќе биде објавена на 19 јуни.

Во овој краток период, македонската дипломатија сигурно дека може да направи многу повеќе од она што го има направено досега за регистрацијата на ОМО Илинден-Пирин. Истовремено не треба да се дозволи случајот да се претвори во билатерален спор меѓу Македонија и Бугарија, бидејќи пред се ова е европски случај од кој зависи кредибилноста на Советот на Европа.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска