110411 UN Elfenbeinküste
12 април 2011Во салата на Советот за безбедност на ОН ноќеска владееше добро расположение. Амбасадорите на 15-те земји членки манифестираа големо олеснување поради разврската на повеќемесечната граѓанска војна во Брегот на Слоновата Коска. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, го повика легално избраниот претседател на Брегот на Слоновата Коска, Аласан Уатара, да спречи натамошно крвопролевање по капитулацијата на неговиот претходник на функцијата Лорен Гбагбо, кој не сакаше да ја предаде власта. Претходно шефот на мировните сили на ОН во оваа земја, Алан Лерој, ги извести членовите на Советот за безбедност за капитулацијата и апсењето на Лорен Гбагбо. Тој сега се наоѓа во хотелот што им служеше како главен штаб на легално избраниот претседател Аласан Уатара и на мировните сили на ОН. Важен момент беше најавата за капитулација на главниот командант на силите на Гбагбо, појасни Лерој:
„Шефот на трупите на Гбагбо се јави по телефон кај ОН и најави дека ќе го положи оружјето.“
Амбасадорот на Германија при ОН, Петер Витиг, побара веднаш да почне процес на национално помирување во Брегот на Слоновата Коска. Притоа треба да се изведат пред лицето на правдата сите кои ги кршеле човековите права, побара Витиг. Натамошниот процес на обработка на минатото, како и на национално помирување најмногу ќе зависи од ставот на легално избраниот претседател Уатара, оцени Лерој:
„Претседателот Уатара веројатно ќе го изведе Гбагбо пред суд, а можеби ќе сака и да го протера од земјата. Обете опции се во надлежност на претседателот Уатара.“
Во секој случај на земјата и` претстои напорен процес, време за големо славење нема - нагласи шефот на силите на ОН во Брегот на Слоновата Коска, Алан Лерој.
Целосна поддршка за Уатара
Првиот дипломат на ЕУ, Кетрин Ештон, го поздрави апсењето на Гбагбо и му вети целосна поддршка на легално избраниот претседател Уатара. Американскиот претседател Барак Обама оцени дека станува збор за победа на демократската волја на народот и апелираше под итно да почне процесот на национално помирување. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле изјави дека се надева оти сега брзо ќе заврши граѓанската војна во земјата и дека народот на африканската држава ќе ја искористи шансата за демократски развој што сега му се укажува. Кусо по капитуацијата и апсењето на Гбагбо во главниот град Абиџан голем број граѓани излегоа на улица за да го прослават окончувањето на повеќемесечната граѓанска војна.
Автор: Томас Шмит/Горан Чутаноски
Редактор: Трајче Тосев