1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олеснување поради исходот од „стрес-тестот“ за европските банки

24 јули 2010

Европските банки можат да здивнат. Т.н. „стрес-тест“ кој го спроведе Одборот на европските банкарски контролори (ЦЕБС) врз 91 банка во Европа покажа дека само 7 од нив не би можеле да одговорат на предизвиците во криза.

https://p.dw.com/p/OTbK
Големите банки во Франкфурт под безбеден „чадор“Фотографија: picture alliance/dpa

Резултатите од тестот за способноста на европските банки за справување со кризни ситуации, беа дочекани со олеснување. Шефот на Меѓународниот Монетарен Фонд, Доминик Штрос Кан, говореше за важен чекор за поголема доверба на финансиските пазари. Американскиот министер за финансии Тим Гајтнер истакна дека Европа со тестот дала значаен придонес за транспарентноста на финансиските институции.

Само седум од 91 европска банка не успеаја да го минат стрес-тестот со кој беше мерена нивната отпорност на економска криза. Европскиот регулатор соопшти дека во тие седум банки капиталот би паднал под нивото кое се смета за адекватно во случај на ткн. „државен шок“, односно неспособност на државата или владата да ги плати државните обврзници во кои тие банки инвестирале.

Тестот не бил толку драматичен

Од ЦЕБС соопштија дека тие банки ќе треба да го зголемат капиталот за 3,5 милијарди евра за да ја подобрат својата финансиска позиција. Иако формално, имињата на банките не се наведени, државите опфатени со тестот соопштија дека станува збор за една германска банка- „Хипо риал естејт“; пет шпански штедилници- Диада, Кахасур, Еспига, УНИМ и Банка сивика, како и грчката земјоделска банка АТЕ.

Европскиот финансиски сектор се покажа стабилен, оценуваат експертите кои ги консултираше Дојче Веле, иако постојат сомневања дека тестот сепак и не бил толку ригорозен.

„Во секој случај се работеше за тест кој и не беше толку драматичен. Но дури и да сметате дека тестот не беше некој супер-тест, тоа не значи ништо, затоа што останува на банките сепак да си ја завршат домашната задача, односно да го подобрат својот бизнис модел и капиталот“, вели економистот Ралф Грунемајер.

NO FLASH Banken Stresstests Geldautomat Symbolbild
Фотографија: picture alliance/dpa

Се чека реакцијата на берзите

Европската централна банка упорно повторува дека тестот ја покажал издржливоста на банките. И покрај се, тестираните банки покриваат околу 50 проценти од пазарот на капиталот во Европа. Тоа што само неколку од нив паднаа на тестот, не е изненадување за Фолкер Хелмејер од Покраинската банка во Бремен.

„Централните банки презедоа многу државни обврзници од југоисточна Европа, од банки кои очигледно немаат внатрешна сила. Видовме дека се случи рекапитализација. Исто така во последните 12 месеци, финансискиот сектор и државите си ја завршија домашната работа“.

Меѓународниот монетарен фонд и САД ги поздравија резултатите од тестот, оценувајќи дека тие ќе помогнат да се стабилизира пазарот. Останува да се види како берзите ќе реагираат на тестот? Постојат стравувања дека доколку тестот биде оценет како недоволно ригорозен од експертите, може да доведе и до натамошни турбуленции на европските финансиски пазари.

Автор: БГ/СН/дв/афп

Редактор: Симе Недевски