ОЕЦД со песимистичка прогноза за невработеноста
16 јули 2013Организацијата за економска соработка и развој проценува дека и во наредната година бројот на невработени ќе биде голем, а најпогодени ќе бидат младите и нискоквалификуваните работници. На крајот на 2014 година стапката на невработеност во земјите на ОЕЦД ќе изнесува 7,8%, односно во 34 земји членки на организацијата без работа ќе бидат 48 милиони луѓе.
Генералниот секретар на ОЕЦД Хозе Анхел Гуриа денеска (16.07) во Париз изјави дека „социјална трагедија“ е пред се‘ невработеноста на младите. Гуриа смета дека има опасност „да се загуби цела една генерација“.
Во Германија, според очекувањата на ОЕЦД, бројот на невработени треба да се намали од 5,3% во мај годинава на 4,7% наредната година.
За еврозоната се предвидува рекордна невработеност од 12,3%. Според очекувањата, стапката на невработеност во Франција треба да изнесува 11,2%, во Шпанија 27,8% и во Грција 28,2%. Реформите на пазарот на рбаотна сила почнати во Шпанија, Италија и Португалија одат во вистинска насока, оценува ОЕЦД, но потребно е време додека тие да дадат резултати.