1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија напред, останатите зад неа

Р.Венкел / Е.М.Фиданоска19 ноември 2013

Организацијата за економска соработка и развој во својата најнова прогноза оценува дека Германија и во наредниот период ќе бележи поголем пораст во споредба со остатокот од еврозоната.

https://p.dw.com/p/1AKxq
Фотографија: Jean AyissiI/AFP/Getty Images

Потрошувачката во иднина треба да биде голема поддршка за конјунктурата во Германија. Германската економија, придвижувана од внатрешната потрошувачка, и во наредните години ќе бележи поголем пораст отколку во другите евро-држави. Така гласи најновата прогнозата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Брутодомашниот производ во Германија, според претпоставките на ОЕЦД, наредната година треба да порасне за 1,7%, што се поклопува и со прогнозите на германската влада за 2014 година.

Германскиот извозен суфицит, кој беше остро критикуван од страна на САД и ЕУ, според прогнозите, би требало во 2015 година да се намали на 5,5% од брутодомашниот производ. Просекот на извозниот суфицит на една земја во ЕУ за период од три години не смее да изнесува над 6%. Германија таа граница ја надминува уште од 2006 година.

Европа каска

За целата еврозона економистите на ОЕЦД предвидуваат побавно темпо на опоравување на конјунктурата отколку во Германија. Сепак, реформските напори на земјите од јужна Европа кои се во криза, се пофалени од страна на организацијата.

„Имаме финансиска криза и таа остава големи траги“, оценува за Дојче веле Екард Вурцел, кој во Економскиот совет на ОЕЦД е надлежен за ЕУ и еврозоната. Според него, треба да се продолжи со реформи за да се зголеми повеќе конкурентноста на одделни земји.

Помалку невработени

Од 2015 година, според ОЕЦД, во Германија ќе биде постигнат пораст од 2%, а во целата еврозона од 1,6%. Стапката на невработеност во Германија, мерено според стандардот на Меѓународната организација за труд (ИЛО) до крајот на 2015 година би требало да се намали на 5,2%. Во еврозоната пак, во 2013 година невработеноста ќе изнесува 12%, во 2014 година - 12,1%, а во 2015 година - 11,8%.

Екард Вурцел смета дека се неопходни поголеми реформски напори, пред се‘ во земји како Франција, која може да стане проблем. „Тие треба да одат во насока на продолжување на санација на државните финансии, преку зголемување на конкурентноста во делот на производството, до поедноставување на даночниот систем“, вели Вурцел.