1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Фукушима повторно истече радиоактивна вода

ЖА/дв/афп/дпа/ртре20 август 2013

Јапонија не може да да воспостави контрола над проблемите во Фукушима: од хаварисаната нуклеарка повторно истекле стотици тони загадена вода. Според мерењата, таа е високо радиоактивна.

https://p.dw.com/p/19Sln
Фотографија: Reuters/Kyodo

Според информациите од фирмата која управува со атомската централа, Тепко, водата истекла од резервоар за нејзино ладење. Фирмата проценува дека станува збор за околу 300 тони вода, а дупката низ која таа истекува се‘уште не е затворена. Водата притоа не оди во Пацификот, туку во земјата. Се‘уште се вршат истраги како се случило водата да пробие од резервоарот кој првично содржел околу илјада тони контаминирана вода. Тепко соопшти дека во близина на резервоарите се измерени вредности на зрачењето од 100 милисиверти на час. Според научниците, ова е ниво кое е штетно по здравјето на луѓето. Истечената вода, соопштува Тепко, содржи и штетен Стронциум, метал кого научниците го нарекуваат „убиец на коските“ . Тој ја оштетува коскената срж и може да предизвика појава на леукемија.

Јапонската фирма Тепко нареди истрага за да се утврди дали истечената, со радиоактивни честички загадена вода, преку одводните цевки евентуално може да стигне до Пацификот.

)
Фотографија: Getty Images/Afp/Japan Pool

Тепко веќе со години е мета на критика поради својот однос кон катастрофата во нуклеарката. Во јули претпријатието призна секојдневно истекување на 300 тони загадена вода во морето, при што не се работи само за вода за ладење. Уште поотежнувачки е фактот што секој ден стотици тони подземна вода влегуваат во зградата каде се сместени реакторите и таму се мешаат со контаминираната вода за разладување. Концернот уверува дека контаминацијата е ограничена на најблиската околина на нуклеарката.

И по две години од хаваријата на реакторите во атомската централа Фукушима, Тепко ја нема ситуацијата под своја контрола, истакна на почетокот на август организацијата за заштита на животната средина, Гринпис. Јапонскиот премиер Шинзо Абе стабилизирањето на постројката го означи како еден од предизвиците. Без прекин се врши пумпање на вода за ладење на реакторите, при што се создаваат огромни количини загадена вода, а предвидените резервоари за нејзино собирање не се доволни.

Во нуклеарката Фукушима, како последица на земјотрес и цунами, дојде до топење на јадрото во повеќе реактори во март 2011 година. Катастрофата имаше димезии кои не се забележани по дотогаш најголемата несреќа од ваков вид, во украински Чернобил во 1986 година.