1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од улиците на Кабул на црвениот тепих во Холивуд

Сандра Петерсман / Елизабета Милошевска Фиданоска24 февруари 2013

Фавад Мохамади има 14 години и е најверoјатно најсреќното момче во Кабул. Филмска екипа го откри на улица и му додели главнa улогa во филмот „Бузкаши Бојс“. Филмот е номиниран за Оскар, а судбината на Фавад е променета!

https://p.dw.com/p/17ksK
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Знам како изгледа мојата иднина“, вели Фавад Мохамади тажно во својата филмска улога. „Ќе станам ковач како татко ми, ништо не може да ми ја промени судбината“. Во реалниот живот, меѓутоа, краткиот филм „Бузкаши Бојс“ ја промени неверојатно судбината на Фавад: „Алах ми ја даде оваа шанса. Јас сум најсреќното момче на Чикен Стрит. Благодарам Алах.“

Чикен Стрит во Кабул е улица која им е омилена на странците за купување. Тука Фавад со години продаваше улични карти и речници за да му помогне на своето семејство, се‘ додека не беше откриен од тимот на американскиот режисер Сем Френч и не ја доби едната од двете главни улоги во краткиот филм „Бузкаши Бојс“.

„Тимот беше супер, а Сем Френч на цел свет му покажа колку е талентиран и покажа дека од едно момче од улица како мене може да направи актер. Кога слушнав дека сме номинирани за Оскар бев толку возбуден што плачев од радост“, раскажува пресреќно Фавад.

Многу соништа на Фавад се на пат да се остварат

Во получасовниот филм, снимен комплетно во Кабул, станува збор за пријателството меѓу две момчиња кои сонуваат да станат познати Бузкаши-јавачи. Бузкаши е национален спорт во Авганистан. Играта со јавање коњи потсетува на дива форма на поло, без топка и палки, туку со тело на убиено животно (најчесто коза) без глава.

„Филмот на цел свет треба да му обајсни што е Бузкаши и да му покаже дека и ние, Авганистанците, имаме соништа. Авганистан не е само војна. Мојата земја е полна со приказни, соништа и култура“, вели Фавад.

За 14-годишникот токму сега почнуваат да се остваруваат многу соништа: „Тргнувам на моето прво патување воопшто, првпат летам со авион, одам за Америка и ќе присуствувам на доделувањето на Оскарите. Сакаат да ми го покажат и Дизниленд и се надевам дека ќе сретнеме многу познати актери.“

Најгоре на неговата листа со фаворити е Силвестер Сталоне: „Имам гледано многу филмови со Рамбо. Не знам како се вика тој навистина, во Авганистан го нарекуваме едноставно само Рамбо. Тој е познат актер и сакам да видам како навистина изгледа.“

По Оскар-авантурата тинејџерот ќе се врати во Авганистан, кај мајка му, петте браќа и сестра му. Татко му починал пред пет години.

Студирањето благодарение на филмот е финансиски осигурано

„Сакам да и‘ помогнам на мојата земја. Се разбира дека сакам да видам и други земји, но не сакам да живеам засекогаш во друга земја. Можеби ќе студирам во странство, но потоа сакам да работам во Авганистан. Онака како што Сем Френч ми помогна мене, сакам и јас да им помогнам на други деца од улица. Во Авганистан има толку многу талентирани деца“, раскажува тинејџерот ентузијастички.

Sam French bei Dreharbeiten zu Buzkashi Boys
Режисерот Сем Френч во текот на снимањето на филмот „Бузкаши Бојс“Фотографија: picture alliance/AP

Фавад веќе посетува добро приватноучилиште, а и студирањето му е осигурано со филмскиот проект. На Чикен Стрит, кадешто се‘ почна, денес оди само за да се сретне со пријателите: „Се надевам дека нашиот филм ќе добие Оскар. Потоа сакам да станам пилот и актер. За да бидам пилот мора многу да учам, но секој сака да биде и познат. Ако некој сака да играм и во некој друг филм, радо ќе го направам тоа.“