1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од радост ни трага - Хрватска пред портите на ЕУ

Рајна Бројер/Б. Георгиевски29 април 2013

Кусо пред влезот во ЕУ разочарувањето во Хрватска расте: од големата невработеност, преку беспомошното земјоделство, до распаднатата индустрија - никому не му е до славење. Земјата е на работ на депресија.

https://p.dw.com/p/18P1W
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Млади напуштете ја Хрватска“, напишано е со креда на еден ѕид во близина на центарот на Загреб. Тоа е апел до младите да си побараат иднината на друго место. Затоа што нивната земја повеќе нема што да понуди. Од пред пет години Хрватска е во длабока криза. И покрај тоа Брисел во документ на 15-страници ја прифати подготвеноста на земјата за влез во ЕУ. Па така Хрватска се влече кон влезот во ЕУ, со воздржаност.

Да се замине или да се остане?

Сончево саботно утро. Во дворот на една стара зграда се поставуваат маси, а на нив книги и стара гардероба. Муштериите можат да дојдат.

„Потребни ни се пари за нашата кампања. Затоа организираме вакви пазарчиња“. Наскоро во Хрватска се одржуваат локални избори и Марко Греговиќ сака да се наметне во политиката со неговата граѓанска партија „За градот“.

„Тука многумина се апатични и аполитични. Недостасува култура на протести. Граѓаните не се навикнати да се борат за своите права“, вели Марко. „Луѓето одат да гласаат, но немаат избор“, вели тој.

„Нашите политичари во суштина се истите кои беа на власт и пред 20 години. Потребна ни е промена на генерациите“.

Партиски модел како во неговата партија, каде граѓаните се повикуваат на непосредно учество, е единствен во регионот. Марко студирал во Норвешка, Шведска и Англија, сите врати му биле отворени, но пред две години одлучил да се врати дома, во виорот на кризата. „Нема никаков смисол да се напушти земјата која се соочува со одлив на мозоци. Сите мораме да се вратиме и да се бориме за нашата земја. Тешко е, но тоа е нашата должност“.

Но, не размислуваат сите исто во неговата партија. Неговата сопартијка Марија веќе половина година безуспешно бара работа. Сега ги подготвува документите за странство.

„Многумина се наоѓаат во иста ситуација. За мене лично влезот во ЕУ е шанса да најдам работа во странство“, вели Марија.

Neues aus Kroatien
Марко Греговиќ и МаријаФотографија: DW/R. Breuer

Да се остане или да се замине - на ова прашање секој поединечно го знае одговорот. Со оглед на невработеноста од преку 40 проценти кај младите не е тешко да се претпостави дека одлуката на многумина по влезот во ЕУ ќе биде патот кон Западот.

Подобрување не е на повидок

Недалеку од дивото пазарче се наоѓа Долац. Така се нарекува неделниот пазар во центарот на Загреб. Секоја недела тој е добро посетен. Под црвените церади се продаваат сочни мандарини и јаболки. Хрватска има добра понуда на домашно овошје. Производите од млеко во сите варијанти можат да се најдат на периферијата на пазарот. Вишња е тргната рано утрото од нејзиното село на 60 километри од главниот град. Двапати неделно во Долац таа продава бело сирење. Во суштина евтино. 12 куни, или две евра чини едно калапче. Додека разговаравме со неа дојдоа многу муштерии, но никој ништо не купи.

„Само од продажбата јас и мојот маж не можеме да живееме. Тој добива пензија, но за да преживееме мораме да продаваме и гуски, односно се’ што имаме во нашиот двор, а благодарение на нашата крава произведуваме и сирење“, вели Вишња.

Влезот во ЕУ го начека неподготвено земјоделството во земјата. Од 1. јули се поништуваат сите трговски погодности од договорот ЦЕФТА со балканските земји. Досега Хрватска извезуваше поголем дел од своите земјоделски производи во соседните земји. По влезот во ЕУ за тоа ќе се плаќа царина. Многу големи хрватски земјоделски компании веќе го селат производството во Босна и Херцеговина. Резултат на тоа е пад на приходот од даноците и на работните места во земјата. Дополнително и хрватскиот пазар целосно ќе мора да се отвори за производи од ЕУ. Засилената конкуренција ќе му предизвика дополнителни главоболки на домашното производство. „Цените ќе продолжат да паѓаат, и јас ќе заработувам помалку за моето сирење. На крајот тоа повеќе нема да се исплатува“. За Вишња, влезот во ЕУ има негативен предзнак. Таа сигурно нема да слави на 1. јули.

Neues aus Kroatien
Земјоделката ВишњаФотографија: DW/R. Breuer

Некогаш имаше и бродоградителство

Болно е да бидеш тргнат од врвот. А, уште повеќе боли кога ќе и’ се погледне на вистината во очи. Тоа е болен процес, но Хрватска ќе мора да го спроведе доколку сака да ја спаси традиционалната бродоградителска индустрија. Тоа го знае и Синиша Остоиќ. Неговата страст од секогаш биле бродовите.

„Во 80-те години бевме на трето место во светот, зад Јапонија и Јужна Кореја. Бевме први во Европа. Потоа дојде војната, и се застана. Денес сме на 14. или 15. место во светот“, вели Остоиќ. За да ја одржи индустријата во живот и да го покрие големиот дефицит државата со години обезбедуваше субвенции. Но, Брисел тоа повеќе не сака да го толерира.

Neues aus Kroatien
Синиша ОстоиќФотографија: DW/R. Breuer

Во рамките на процесот на асоцијација со ЕУ, бродоградилиштата мораат да ја вратат државната помош. Единствена можност за тоа е да се најдат приватни инвеститори и да се приватизираат. Илјадници луѓе ги загубија своите работни места поради тоа. За многумина во браншата ЕУ е олицетворение на ѓаволот. Но, Остоиќ не размислува така.

„Од една страна тоа изгледа така, како ЕУ да не уништува, но тоа е веројатно единствената можност нашите бродоградилишта повторно да проработат и да бидат функционални и конкурентни. Требаше и самите да сфатиме дека претходниот модел не може повеќе да функционира“, вели Остоиќ.

Остоиќ, како и Марко, Марија и Вишња, имаат различни видувања и очекувања од влезот во ЕУ. Кои очекувања ќе се остварат, а кои соништа ќе се покажат нереални, ќе покаже некоја следна посета. Најпрво треба да се одбележи влезот во ЕУ - без разлика дали граѓаните тоа ќе го слават или не.