1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

161209 Guantanamo USA

17 декември 2009

Затворениците од Гвантанамо ги очекува можна преселба кон северот на САД, во сојузната држава Илиноис. Претседателот Обама издаде налог за купување на затвор во местото Томсон, со намера да смести дел од затворениците.

https://p.dw.com/p/L4C8
Затвореник во ГвантанамоФотографија: AP

Казнено-поправниот центар Томсон се наоѓа на крајниот северозапад од американската сојузна држава Илиноис, западно од Чикаго, директно на границата со Ајова. Со еден збор, далеку од Вашингтон. Но, токму во главниот град се одлучува за иднината на оваа затворска установа, што беше изградена во 2001 година, но никогаш не беше пуштена во употреба. Тоа наскоро би можело да се смени. По наредба на американскиот претседател Барак Обама, владата планира да го купи овој затвор и таму да смести одреден број од затворениците во Гвантанамо. За колку од нив станува збор - се` уште не се знае. Според информации на весникот „Чикаго сан-тајмс“ се работи за околу деведесет затвореници. Барањето на претседателот интензивно се разгледува, истакнува сенаторот од Илиноис, Ричард Дурбин. „Ова ќе биде од корист за нашата држава, а и ќе помогнеме затворот Гвантанамо да биде затворен - полека но сигурно - и да не претставува повеќе никаква опасност.“

Активирањето на затворот може да отвори работни места

Obama USA Arbeitslosigkeit
Американскиот претседател Барак ОбамаФотографија: AP

Но, ова е само половината од приказната. Во Илиноис, од каде доаѓа и претседателот Обама, стапката на невработеност изнесува единаесет проценти и со тоа го надминува државниот просек. Ако затворот Томсон биде купен, во него освен затворениците од Гвантанамо, ќе бидат сместувани и други затвореници. Ова би можело да создаде околу три илјади нови работни места. И токму затоа оваа одлука е „одлична шанса“, бидејќи луѓето очајно бараат работа, вели демократот Дурбин.

Повеќе од триесет општини, фирми и организации сместени во околината на затворот Томсон веќе искажаа поддршка за плановите на Обама. И скоро сите жители ја гледаат позитивната страна од овој проект. Последните години беа тешки, ова ќе биде добро за нашата општина, вели Дејв Рикетс.

Критика од редовите на републиканците

US-Gefangenenlager Guantanamo - Symbolfoto
Фотографија: AP

Сепак, не се сите воодушевени од идејата затворениците од Гвантанамо да се пренесат во центарот на Америка. Лидерот на пратеничката група на републиканците, Џон Боенер, е против. „Ги префрлаат затворениците од Гвантанамо во Илиноис, бидејќи дадоа предизборно ветување дека некаде ќе ги сместат. Планот е лош и нема да наиде на поддршка кај граѓаните.“

Други републиканци, пак, ја обвинуваат владата дека создава ризик по националната безбедност. Конгресменот Дон Манзуло доаѓа од Илиноис и не се плаши дека некој затвореник може да побегне од затворот Томсон. Она од што тој повеќе стравува е дека сместувањето на затворениците од Гвантанамо таму, може да го претвори затворот во цел на терористички напади.

Сепак, претседателот Обама цврсто останува на своите планови да го затвори спорниот затвор на Куба. Американската влада ќе ги зголеми напорите да убеди и други држави, на пример од Европа, да преземат дел од очигледно невините затвореници. Сепак, Белата куќа не соопшти кога, всушност, планира конечно да го затвори Гвантанамо.

Автор: Никол Марквалд/Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска