1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од ирачките бегалци загрозени и соседите

27 јули 2007

Според информациите на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, секојдневното насилство во Ирак принудува секој месец околу 50 илјади Ирачани да бегаат од земјата.

https://p.dw.com/p/BMe1
Од насилствата месечно Ирак го напуштаат 50 илјади луѓеФотографија: AP

Најголемиот број од нив прибежиште наоѓаат во Јордан или Сирија кои се соочуваат со зголемени негативни последици од бегалските бранови. На конференцијата одржана вчера во Аман, Јордан соопшти дека насилството во Ирак ја загрозува и неговата безбедност.

Учесниците на конференцијата за бегалците од Ирак побараа поголема меѓународна помош. Пред се ирачките претставници побараа од Обединетите нации и соседните земји да направат се што можат за да се спречи уште поголема хуманитарна катастрофа. Според проценките на Обединетите нации, досега од Ирак избегаа 4 ипол милиони луѓе. Од нив два милиона се уште се во сопствената земја, но мораа да ги напуштат родните места поради страв за сопствената безбедност. Најголем број бегалци прифатија Јордан – 800 илјади и Сирија – милион и 200 илјади. Поради сопствената безбедност, Јордан веќе ги заостри мерките за влез во земјата: околност што ирачката влада остро ја критикува. Меѓутоа, велат Јорданците, како да се излезе на крај со фактот дека населението на малата земја со бегалците од Ирак во изминатите три годни порасна за една четвртина. Овие луѓе мораат да бидат згрижени, на пример, со вода, а неа ниту Јордан ја нема доволно. Болници, училишта, универзитети, улици, станови – сето тоа мора да им биде на располагање на бегалците. Аман калкулира со милијрда долари годишно дополнителни трошоци, а досега меѓународната заедница не покри ниту дел од нив, изјави јорданскиот министер за образование Калед Тукан:

„Досега помошта за Јордан беше минимална. Потребни се повеќе пари од меѓународната заедница, поради проширувањето на ирачкиот бегалски проблем. Трае веќе 4 години и никој не знае уште колку ќе трае„.

Според информациите на Обединетите нации не може да се предвиди крајот на егзодусот од Ирак. Месечно од војната бегаат околу 50 илјади луѓе. Се обидуваат да стигнат до Европа, но најчесто се задржуваат во Јордан и Сирија.

Посебни грижи на министерот за образование му задаваат ирачките деца. Тој веќе знае дека во наредниот месец ќе мораат да бидат примени 35 до 50 илјади ирачки ученици. За тоа доби помош од 10 милиони долари. Лош виц, вели министерот Тукан:

„За ирачките деца мораме да изградиме околу 30 нови училишта. Едно чини два милиона. Значи, итно ни се потребни 60 милиони долари и тоа само за зградите„.

Во меѓувеме и Амнести интернешенел егзодусот на Ирачаните го оцени како хуманитарна криза што ќе го потресе целиот регион до колку меѓународната заедница не помогне во доволен обем.