1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од изгорената џамија тлее огнот на омразата?

24 февруари 2010

Муслиманите-Роми во Прилеп бараат да се изгради изгорената џамија во центарот на градот. Општинското раководство ја третира како споменик на културата, а сака да изгради нова џамија во друга населба.

https://p.dw.com/p/M9k2
Муслиманите сакаат џамија, исполнување на ветувањатаФотографија: AP

Десетици години наназад прилепските Роми, особено оние кои се надничари, од кои најголемиот дел се од муслиманска вероисповед, се собираат околу прилепската џамија во центарот на градот. Така е и сега, и покрај тоа што од џамијата веќе девет години се останати само пеплосаните ѕидови. За време на воениот конфликт од 2001 година, како знак на револт за загинатите десетмина Прилепчани на Карпалак, дотогашниот споменик на културата, прилепската Чарши-џамија беше запалена. Девет години по овој настан, кој тогаш беше оценет како израз на безумие, прилепската Чарши-џамија се заканува да го разгори огнот на верската нетрпеливост. Овој пат не со Албанците, туку со Ромите, кои во Прилеп ги има над пет илјади.

„Нетрпеливост отсекогаш имало“

Огнот никогаш и не бил изгаснат, велат оние, кои тука покрај џамијата испиваат шише пиво, чекајќи да направат некоја тура. Властите сите овие години им ветувале дека ќе им ја изградат џамијата за да можат во неа да ги изведуваат своите верски обреди.

„Треба да се изгради џамија, ако не овде, тогаш барем во населбата Тризла, бидејки ние сите Ромите живееме во Тризла.“

„Толку џамии имаше, а сега не остана ниту една“, велат некои од прилепските Роми.

Исламската верска заедница никогаш нема да се откаже од изградбата на џамијата, вели нивниот портпарол, Абаз Ислами, уште повеќе што ова им го ветил и македонскиот премиер, Никола Груевски и евроамбасадорот во Скопје, Ерван Фуере.

„Со векови и со години постоела и таа џамија треба да се изгради. Ги имаме сите барања и сета документација која е потребна,“ вели Ислами.

Prilep Marktplatz, Mazedonien
Во Прилеп повторно „зовриваат“ страстите?Фотографија: Petar Stojanovski

Верски или политички проблем?

Ислами не одговори дали изградбата на џамијата во Прилеп станува верски или политички проблем, но навести дека ќе го поддржат барањето на прилепското мувтиство.

„Доколку таа џамија не се изгради, ние ќе ја бојкотираме Светската конференција, која во мај ќе се одржи во Охрид“.

За прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, џамијата била и ќе остане споменик на културата. За муслиманите тој предвидува друга локација.

Треба да се изгради џамија во населбата Тризла, со новиот урбанистички план таму е предвидена нова локација за ваков објект.

Поткрепено барање

Изградбата на џамијата ја бараат и жителите од муслиманска вероисповед од околните општини и населени места, кои во пазарните денови доаѓаат во Прилеп. Во селото Десово, пак, едно од најголемите села во соседната општина Долнени, без поголеми проблеми живеат три националности-Бошњаци, Албанци и Македонци.

„Треба да се почитуваат верите, да не се пали ни црква ни џамија, бидејќи тое е најгрозно“, вели Сади Салиевски, еден од помладите жители на Десово.

„Политиката да стои настрана“

Двете џамии и црквата никогаш не биле причина за кавги меѓу жителите од ова село, велат Бранко Божиновски и Сенад Амовиќ:

„Откако сум дојден овде, тие одат во џамија, ние во црква. Имало проблеми и нереди во други села, но овде кај нас, фала му на бога, не,“ вели Божиновски.

„Мислам дека политиката треба да стои настрана, а верата да си тече по свои води, сите треба да имаат свој објект каде треба да се молат“, дополнува Амовиќ.

„Се запали еден православен објект во селово, за петнаесет минути се‘ беше исчистено и изгаснато, а за еден месец се‘ обновено. Се правеше манастирот Трескавец. Еден не остана, ниту Македонец, ниту Албанец, ниту Бошњак, кој не даде колку што може,“ вака најсликовито животот и сожителството во оваа општина го опишува Мујо Фазлиќ.

Можеби затоа и бројот на жителите од сите три националности се зголемува, а не се намалува како во останатите.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Жана Ацеска