1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Европа никој нема да биде исклучен!

Силвера Падори-Кленке20 август 2012

Првиот дипломат Гидо Вестервеле на „Денот на отворени врати“ во Берлин истакна дека „никој како Европеец нема да биде исклучен и никој не треба со вето другите да ги спречи да ја градат својата политичка иднина во ЕУ“.

https://p.dw.com/p/15siZ
Фотографија: DW/Padori-Klenke

„Ние, Германците, забораваме колку ни е добро во Европа! Сега сите прашуваат: колку чини Европа? А, никој не прашува - колку е вредна Европа?“ Со овие зборови првиот човек на германската дипломатија Гидо Вестервеле ја започна средбата со граѓаните на форумот посветен на Европа, што беше „хајлајт“ на вториот ден (недела, 19 август) од манифестацијата „Отворени врати“ на Сојузното министерство за надворешни работи. Температурата од 38 степени во стаклениот хол на министерството не беше пречка за стотина граѓани кои ја искористија можноста и министерот директно го прашаа за повеќе теми врзани за Европа, меѓу кои главна беше актуелната должничка криза.



Европа со повеќе брзини

За проширувањето на ЕУ и спорот со името меѓу Македонија и Грција немаше конкретни прашања. Но, меѓу редови, Вестервеле кажа прилично, одговарајќи на прашањето - дали излезот од кризата го гледа во Европа со две брзини?

D
И сега Европа е со различни брзини!Фотографија: Getty Images

„Веќе одамна имаме Европа со различни брзини. ЕУ сега е со 27 членки. Вгодина со Хрватска ќе бидат 28. Имаме само 17 земји со заедничка валута. Или, во Шенген зоната се само дел од членките. Јас се залагам за вклучување на сите во ЕУ, за покана до сите да го чекорат заедничкиот пат на сплотената Европа. Сите треба да имаат можност за ова. Никој како Европеец нема да биде исклучен, но никој не треба со вето ни другите да ги спречи да ја градат нивната политичка унија во Европа. Значи, не може една земја перманентно да биде кочница зашто е убедена дека Европа е пред се’ заедничкиот пазар каде може да се направат добри зделки. Ние сме убедени дека Европа е политичка унија, заедница на вредности. Ние Европејците имаме заеднички компас за вредностите и чувство за живот и затоа секој треба да се вклучи, секој треба да може да се вклучи и никој не смее да го спречи другиот потесно да соработува и да се приклучи“, истакна министерот Гидо Вестервеле.



Потребен е вистински европски Устав

На прашањето кога може да се смета на „Обединети држави на Европа“, министерот кажа дека ваквите формулации за него се само оптоварување. Дел од државите, според Вестервеле, сега имаат монетарна, но немаат вистински економска и политичка унија. Тоа го покажала и кризата. Доколку ова постоело и доколку имало вистински европски устав, според Вестервеле работите можеби и би имале и поинаков тек. Од него беше побарано да ја коментира и последната изјава за Грција на министерот за финансии Филип Реслер, според кого „кој не се придржува на правилата, не може да смета на финансиска помош“. Вестервеле дипломатски повтори дека Грција може да смета на помош, но она што е договорено треба да го испочитува. „Суштински промени околу договорот не треба да има“, подвлече Вестервеле, кој во конкретниот случај се заложи за одбегнување на конфронтација со клишеа и предрасуди.
Шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле, инаку, потсети дека Европа која ја имаме сега, заедничката валута, можноста на младите за студирање, слободата на патување се работи кои сами по себе не се подразбираат, туку се „сработени“ во минатото. Истовремено, според него, „Европа е дел, но не е центар на светот“. Земјите од Азија, Јужна Америка, чекорат силно напред и Европа, доколку сака да биде во игра, ќе мора да се прилагоди на новиот поредок.

Griechenland Euro Staatsbankrott immer wahrscheinlicher Symbolbild
Без економска и политичка унија еврото е на стаклени нозеФотографија: picture-alliance/dpa