1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070112 Argentinien Wirtschaft

10 јануари 2012

На Аргентина и‘ успеа невозможното - пред десет години државата беше банкрот, денес цути. Дали примерот на Аргентина е лекција за Грција?

https://p.dw.com/p/13h4v
Буенос АиресФотографија: Miriam Barroche

Аргентина пред десет години минуваше низ најтешката криза во својата 200-годишна историја. Луѓето демонстрираа на улиците со тенџериња и тави, протестираа против условите во земјата и против политичарите кои се за тоа одговорни. „Qué se vayan“ пееја тие, или во превод - „Да ве нема!“ Имаше и судири. Во безредијата животот го загубија 40 луѓе.

Аргентина беше банкрот. Неспособните и корумпирани политичари ја уништија нејзината економија. На грбот на земјата тежеа долгови од 170 милијарди американски долари, немаше работа, во некогаш богатата Аргентина децата гладуваа. Роберто Лавања до денес не може да верува колку ниско падна неговата земја:

„Беше тешко. Многумина историчари велат дека тоа беше најтешката криза од 1890 година. Социјалната ситуација на луѓето беше страшна. 52 проценти од луѓето во земјата, значи повеќе од половина, живееја под граница на сиромаштија.“

Долговите едноставно беа избришани

Роберто Лавања во 2002 година стана министер за економија на Аргентина. Заедно со подоцнежниот претседател Нестор Кирхнер тој раководи со промените. Кирхнер ја прогласува земјата за платежно неспособна, ги плаќаше само долговите кон ММФ за на тој начин на земјата да и‘ обезбеди простор за маневар. Голем дел од долговите кон странство тој едноставно ги избриша, ги игнорираше странските инвеститори на кои Аргентина им должеше пари и ја држеше државната валута - пезосот, на многу ниско ниво. Аргентина полека почна да станува повторно конкурентна:

Argentinien Alltag Land und Leute in Buenos Aires Müllsammler
Пред 10 години, 52 проценти од луѓето живееја под граница на сиромаштија.Фотографија: Eric Pawlitzky

„Во овој процес имаше неколку фундаментални работи. Прво, верувавме дека потрошувачката треба да биде мотор кој ќе го поттикнува здравеењето на стопанството. Во Аргентина над 20 години се ставаше акцент само врз извозот и инвестициите. Второ, што беше и решавачки, на Аргентина и‘ беше потребен трговски суфицит. И трето, моравме да признаеме дека долговите што ги имавме достигнаа ниво што беше неможно да се вратат. Немаше друго, освен репрограмирање на долговите и простување на долгови.“

Криза? Каква криза?

Десет години по банкротот, во Буенос Аирес и многу други градови од кризата нема ни трага. Луѓето имаат многу повеќе пари во џебот, трошат повеќе. Нема трага ни од глобалната криза. Претседателската Кристина Кирхнер гордо зборува за повторниот подем на земјата, од банкрот до економско чудо:

„Ние сме во нова Аргентина. Земјата направи значителен скок напред ако се спроеди со онаа Аргентина во која невработеноста изнесуваше 25%, во која долговите изнесуваа 140 проценти од брутодомашниот производ и во која секој втор живееше во сиромаштија. Денес живееме во земја која го бележи најдолгиот период на подем во нејзината 200-годишна историја.“

Многумина Аргентинци деновиве нелагодно гледаат на глобалната финансиска криза која потресува некои европски држави. На површина излегуваат болните сеќавања. Луѓето во земјата знаат како е кога државата банкротира. Но, Аргентина успеа повторно да „спаси глава“, барем засега. Зашто, како што велат луѓето во главниот град Буенос Аирес, наредната криза сигурно ќе дојде.

Автор: Хулио Сегадор / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски