1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одново ќе се трага по неонацистички злосторства

БГ/дпа4 декември 2013

Властите во Германија одлучија повторно да отворат истрага за стотици случаи на убиства и обиди за убиства во периодот од 1990 до 2011 година, сомневајќи се дека дел од нив биле извршени од неонацисти

https://p.dw.com/p/1AT1C
Фотографија: Philippe Merle/AFP/Getty Images

Германските власти ќе истражуваат дали стотици нерешени криминални случаи сторени уште од 1990. години наваму можеби се поврзани со неонацисти, откако полицијата беше критикувана дека им прогледува низ прсти на криминалците со радикално десничарска идеологија.

Истражните органи повторно ќе отворат 764 нерешени случаи кои се однесуваат на убиства или обиди за убиства на вкупно 849 жртви, а резултатите од истрагата се очекуваат во 2014 година, соопшти портпаролот на сојузното министерство за внатрешни работи Хендрик Лоргес.

Откако беа разгледани 3,300 случаи на сторени кривични дела во периодот од 1990 до 2011 година во кои не биле откриени осомничени, полицијата открила траги на неонацистичка вмешаност во 746 од тие случаи.

„Треба да се почека и да се види во колку од овие случаи сомнежите ќе бидат потврдени“, вели Лоргес.

Германската јавност беше шокирана кога во 2011 година беше откриено дека 10 неразјаснети убиства кои се случиле во периодот од 2000. до 2007 година, всушност биле расистички мотивирани убиства од омраза, изведени од страна на припадници на неонацистичката НСУ. Двајцата осомничени убијци Уве Мундлос и Уве Бонхарт се самоубија, додека третиот нивни соучесник Беате Чепе во моментов е на судење во Минхен.

Наместо да испитува можна расистичка мотивација зад убиствата, полицијата долго време се сомневала дека жртвите, повеќето со турско и грчко потекло, биле инволвирани во криминалното подземје. НСУ со години успеала да функционира непречено и никогаш не преземала одговорност за убиствата. Дури и информантите и вработените во германската полиција не го пријавиле постоењето на НСУ.