1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуката треба да ја прифатат сите

27 февруари 2007

Пресудата на меѓународниот суд во Хаг со која масакрот во Сребреница од 1995 година во кој беа ликвидирани 8000 муслимани се оценува како геноцид, но се вели дека Србија нема колективна одговорност за тоа, предизвика низа реакции.

https://p.dw.com/p/Abyx
Розалин Хигинс, претседателка на Меѓународниот суд
Розалин Хигинс, претседателка на Меѓународниот судФотографија: AP

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, изјави дека сите страни треба да ја прифатат судската одлука. Според Солана, пресудата во тужбата на Босна и Херцеговина против државата Србија е важна бидејќи укажува на фактот дека “нема никаква колективна вина”. Солана нагласи дека тоа покажува оти “не може да се обвини еден цел народ” и ја поздрави одлуката на судот дека Србија не може да биде виновна за поттикнување на геноцид во Босна. Солана се надева дека сега сите страни ќе ја прифатат пресудата, и дека тоа ќе затвори една драматична страница во историјата, болна за многу луѓе”.

“Се надевам дека тоа ќе помогне кон помирување на народите”, нагласи Солана.

Слично реагираа и САД .

“ Се надеваме дека народите во регионот ќе ја искористат оваа можност да се помират со минатото“ изјави претставникот на Стејт Департментот, Шон Меккормак. Според него, пресудата значи и охрабрување за Србија да му ги израчи на Хашкиот Трибунал сите воени злосторници , меѓу кои е и бившиот командант на војската на босанските Срби Ратко Младиќ.

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата беше поздравена и претседавачот со ЕУ , Германија . Во соопштението на министерството за надворешни работи во Берлин се изразува и уверување дека оваа пресуда ќе затвори едно од болните поглавја во историјата на Балканот.

Како реагира Белград?

Пресудата е поздравена и од властите во Белград. Српскиот претседател Борис Тадиќ го повика парламентот во земјата да усвои декларација со која недвосмислено ќе се осуди злосторството во Сребреница. "Пресудата е важна за Србија и за сите нејзини граѓани бидејќи е утврдено дека Србија не го спровела геноцидот, но сепак тежок е делот од пресудата во кој се вели дека не сторила се за да го спречи", рече Тадиќ и нагласи дека сега мора да се продолжи соработката со Хашкиот трибунал. “Името на Србија во сите светски медиуми повторно беше споменувано во контекст на воени злосторства и геноцид. Политиката која што не донесе до тоа повторно да се најдеме во жижата на светската јавност во негативен контекст беше политиката на режимот на Слободан Милошевиќ. Сега кога добивме судски епилог на таа трагична политика сосема е јасно дека секој кој би се противел на довршување на соработката со Хашкиот трибунал и донесување на парламентарна декларација за Сребреница, најдиректно работи против интересите на својата држава и иднината на нејзините граѓани”.

Српскиот премиер Воислав Коштуница изјави дека расветлувањето на сите воени злосторства и санкционирањето на нивните сторители е единствен пат кон помирување на просторот на поранешна Југославија.

Правниот тим на Србија кој работеше на случајот е задоволен од одлуката на Меѓународниот трибунал, но според главниот застапник Радослав Стојановиќ тие не може да се радуваат на одлука за судски процес кој е последица на една голема трагедија.

Сараево е разочарано

Во првичните реакции во Сараево е изразено разочарување од одлуката на Меѓународниот Суд на правдата во Хаг, со која Србија во најголем дел е ослободена од вината за геноцидот во Босна и Херцеговина .

Членот на претседателството на оваа земја, Харис Силајџиќ истакна оти жали дека Србија не е осудена за намера за извршување и соучесништво за геноцидот од 90-те години. Меѓутоа Силајџиќ истакна дека е важно што Србија е осудена дека не го спречила геноцидот во Сребреница иако нејзините лидери знаеле дека се подготвува и затоа што не ги казнила оние што се најдоговорни за него.

Хрватскиот член на претседателството Жељко Комшиќ рече дека треба да се стори се за да се спроведе таа пресуда , меѓутоа додаде дека приватно е разочаран со пресудата. Босанскиот акедемик , Мохамед Филиповиќ пак смета дека меѓународната заедница со ваквата пресуда ја продолжува низата неправди кон Босна и Херцеговина и оти и одговара на Србија за да ги ублажи евентуалните последици од речиси сигурното губење на Ксово .

Сепак во реакциите од Сараево се изразува надеж дека без оглед каква е пресудата таа ќе придонесе во развојот на подобри односи во регионот.

Првичните реакции во Република Српска пак укажуваат на поголема претпазливост.

Адвокатот од Бања Лука , Мирослав Микеш притоа ги предупредува политичарите во Бања Лука на реториката, но и оти сепак пресудата треба да биде добро анализирана:

„Она со што Република Српска треба да се соочи и не треба на каков било начин да биде дочекано со еуфорично расположение е фактот дека сепак еден дел од историјата на Република Српска во иднина ќе почива на утврдената пресуда дека еден дел од војската под раководство на тогашниот командант на војската сепак извршил геноцид.

Прифаќајќи го фактот дека во Сребреница е сепак извршен геноцид политичката аналитичарка, Тања Топиќ вели дека не е изненадена од одлуката на судот, иако како што вели, очекувала дека аргумантите на БиХ ќе бидат доволно силни за некои работи да се наречат поконкретно: “Ваквата пресуда не е никакво изненадување и јас лично би рекла без оглед колку сите пледираме за независно судство, дека таа не може да се гледа вон политичкиот контекст. Мислам дека таа на некој начин се доведува во врска со решавањето на конечниот статус на Косово и може да се каже дека на тој начин се бараше некаква отстапка во случај на конечна одлука за независност на Косово“.