Одлуката од Стразбур да биде поука
13 декември 2012Поранешниот судија во судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, смета дека Македонија треба да извлече поука од одлуката на судот дека биле повредени основните човекови права на Калед Ел Масри. Според Николовска, пресудата апсолутно треба да се почитува и спроведе, без разлика што судот пресудил Ел Масри да добие 60 илјади, наместо бараните 300 илјади евра. Тоа според нејзе не значи дека обврската, односно одговорноста на Македонија е помала. Освен исплатата на паричниот износ, потребно е детално да се разгледа самата пресуда за да се види дали евентуално треба да произлезат и одредени обврски во легислативниот дел кои произлегуваат од законодавството, но не биле почитувани, смета Николовска.
Според Уранија Пировска од Хелсиншкиот Комитет, освен исплата на парично обештетување за материјална и нематеријална штета, пресудата значи и обврска за државата за покренување постапка за утврдување на индивидуална одговорност во случајот. Хелсиншкиот комитет најавува дека во наредниот квартален извештај поопширно ќе информира за својот став околу донесената пресуда против РМ.
По ваквиот епилог во Стразбур, комитетот на министри од Советот на Европа ќе го следи начинот на кој Македонија ќе ја изврши пресудата.
49 годишниот Калед Ел Масри ја побара правдата пред судот во Стразбур, откако неговите тужби против американските и македонските власти беа отфрлени од страна на домашните надлежни судови.