1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одложен судскиот процес против Метин Каплан

20 декември 2004

Само што започна процесот во Турција против самонаречениот “калиф од Келн”, исламистичкиот водач Метин Каплан, а веќе е одложен за 4-ти април. Каплан во Германија беше осуден на повеќегодишна казна затвор поради повик на убиство, а потоа протеран во Турција.

https://p.dw.com/p/AcIt
Метин Каплан во судницата во Истанбул
Метин Каплан во судницата во ИстанбулФотографија: AP

Таму од денеска му се суди за велепредавство: обвинет е за бомбашки напад врз мавзолејот на основачот на турската држава Мустафа Кемал Ататурк во Анкара во 1998-ма година. Нему му се заканува казна доживотен затвор, оти сакал да ги урне секуларниот систем во Турција и да воведе владеење врз религиозна основа.

Процесот започна со лекарски преглед на обвинетиот, зашто на последното сослушување не станал пред судијата, наводно поради здравствени проблеми. Сега е констатирано дека може да стане за поздрав на судот, но инаку боледува од рак на простата. Сепак, севкупно се наоѓа во поднослива здравтсвена состојба:

“Каплан здравсствено се чувствува добро. Тој е под третман, што значи дека го носат во болница ако не се чувствува добро. Прима терапија врз основа на наодите од Германија” – извести неговиот адвокат Хисни Туна. Тој настојува да издејствува ослободување на својот клиент, бидејќи по либерализацијата на турското казнено и антитерористичко право, веќе подбуцнувачки говори не се доволни за да се мине цел живот зад решетки. Многу побитно е дали ќе може да му биде докажана вина за обидот за напад врз мавзолејот на Ататурк: тогаш таму беше собран државниот врв, а Каплан сакал врз мавзолејот да урне мал авион наполнет со експлозив.

“Таа приказна со мавзолејот сосем сигурно не е вистинита. Или треба да се биде луд, или свесно да се сака дискредитирање на некого, за еден получасовен лет над Бурса да се оцени како настава по летање и потоа да се верува дека авионот бил грабнат за да биде урнат врз Анкара” – вели адвокатот Туна.

За признанијата од пред шест години од приврзеници на Каплан тој смета дека биле изнудени со мачење. Така стои и во лекарските наоди, поради кои германските судови долго време се колебаа околу протерувањето на Каплан. Тој денеска пред тускиот суд прочита изјава полна со цитати од Коранот, во која ги негира сите обвиненија.

Во Истанбул допатува и адвокатката на Каплан од Германија Ингеборг Науман:

“Она што денеска го слушам од адвокатите овде зборува дека тој досега е коректно третиран”.

Каплан има ќелија од 10 квадратни метри со телевизор, добива весници и книги. Еднаш дневно има средба со адвокатот, еднаш неделно го посетува тетка му. Другите роднини веќе не сакаат да слушнат за него.