1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлив на мозоци од Германија во Турција

Сенада Шоколу / Елизабета М. Фиданоска12 април 2013

Децата и внуците на турските гастарбајтери во Германија се‘ почесто по завршувањето на образованието или успешна кариера во Германија, заминуваат во Турција. Таму гледаат подобри шанси за напредување.

https://p.dw.com/p/18En9
Фотографија: Fotolia/Jan Schuler

„Не зажалив ниту секунда“, вели Дилек Кесер за одлуката што ја донесла пред година и половина. Тогаш таа и‘ го завртела грбот на Германија и се решила за нов живот во Турција. По студиите по економија, десет години работела како раководителка во едно претпријатие. Но, не била задоволна со професионалните перспективи за иднина, вели 36-годишната германска Турчинка од Хановер за ДВ.

Денес Дилек Кесер има своја фирма за управување со згради во Истанбул. Таа се грижи за недвижностите на странски инвеститори од Европа и од САД. Тоа е германско-турска фирма, со која Кесер заработува и евра и турски лири. „На почетокот ми беше важно да заработувам и натаму европска валута. Но, сега може да се откажам од тоа“, вели Кесер. Со своето образование и познавањето на германски, турски и англиски јазик, таа на пазарот на работна сила во Турција има особено добри шанси.

Германија треба да и‘ испраќа стручњаци на Турција“

Многу Турци кои израснале во Германија како Дилек Кесер се враќаат во старата татковина на родителите. Податоците за иселување на Сојузниот завод за статистика во Визбаден покажува, на пример, дека во 2011 година речиси 31.000 Турци дошле во Германија, а 33.000 Турци ја напуштиле Германија во насока на Турција. Трендот е забележлив од 2006 година.

deutsch-türkische Unternehmerin Dilek Keser
Дилек КесерФотографија: Privat

Една од главните причини е економскиот успех на Турција и со тоа поврзаните добри можности за работа. Турскиот министер за индустрија Нихат Ергун неодамна, при една посета на Берлин, рече: „Германија треба да и‘ испраќа стручњаци на Германија, а не обратно.“ Се разбира, добредојдени се и германски државјани кои немаат турски корени.

Од склучувањето на Договорот за привлекување странски работници со Турција во 1961 година и запирањето на привлекувањето странска работна сила во 1973 година, во Германија на работа дојдоа 750.000 Турци. Поради големиот број работници што на тој начин ги загуби Турција, Ергун сега е против нов договор со Германија за вработување.

Германските Турци како двигател

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган планира својата земја да ја претвори во трета по големина економија во светот. Тоа би требало да се реализира до 2023 година. Во 2011 година Турција забележа економски пораст од 8,5%. Бум бележи пред се‘ турскиот градежен и енергетски сектор. Но, поради лошата состојба на економијата во ЕУ „2013 година ќе биде критична за Турција“, оценува за ДВ Синан Улген, претседател на Центарот за економски и надворешнополитички студии (ЕДАМ) во Истанбул. „Четириесет проценти од турскиот извоз оди во ЕУ, а и 85% од странските директни инвестиции во Турција се од ЕУ“, вели Улген.

Deutsche und türkische Fahne
Во 2011 година речиси 31.000 Турци дошле во Германија, а 33.000 Турци ја напуштиле Германија во насока на ТурцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Но, токму во економски тешки времиња турските работници од Германија играат голема улога, нагласува Улген: „Турција се надева на ноу-хау на лицата кои потекнуваат од Турција, а кои се образувале во Германија. Тие се веќе само поради својата економска ситуација во подобра позиција да основаат своја фирма во Турција и да отворат работни места.“ Улген смета дека разноликата економија на Турција за основачите на фирми нуди подобри услови отколку Германија.

Толга Сандикчи тоа може и да го потврди. Роден во Минхен и поранешен раководител на фирма, а од пред пет години повторно во Турција. Денес има своја фирма во Истанбул и продава плочи за мраз за лизгалишта. „По само три месеци имав веќе 400 нарачки. Во Германија мојата фирма немаше толку брзо да порасне“, нагласува Сандикчи. „Во Турција има толку многу бизнис идеи кои и‘ се потребни на земјата.“ Но претприемачот предупредува дека не треба да се биде наивен оптимист: „Разликите во менталитетот се големи. Откако се преселив во Турција забележав колку сум Германец.“ Опасноста да се биде измамен во бизнисот во Турција е поголема отколку во Германија, уверен е Сандикчи.

Опасноста од економски меур

Бумот во Турција има и темни страни, предупредува турскиот економист и економски новинар Мустафа Сонмез. „Странските инвестиции во градежништвото се причина за појава на опасен меур“, вели тој. Затоа Турција би морало да го намали овој сектор, а да почне да го зголемува индустрискиот сектор, кој е многу запоставен. „Ние сме земја увезувач, но мора да правиме поголеми напори за повеќе извоз, за турската економија да не биде толку ранлива“, советува економистот. Овие проблеми, според него, се поитни од привлекување работна сила од Германија во Турција.

Deutsch-türkisches Kulturprojekt
Разликите во менталитетот се големи, оценува Толга СандикчиФотографија: DW

Доколку изгледите во Турција се влошуваат или разликите во менталитетот се тешко премостливи, германските Турци имаат голема предност: „Можам во секое време да се вратам во Германија“, вели претприемачот Сандикчи. Да се имаат две татковини е „благослов“.