1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оди ли ЕУ на самитот на Г20 со единствен став?

31 март 2009

На самитот на ЕУ на 27.03.2009, шефовите на држави или на влади го утврдија европскит став за светскиот финансиски самит на 2 април во Лондон. Колку малите држави од ЕУ ќе се чувствуваат добро претставувани од големите?

https://p.dw.com/p/HMqo
На самитот во Брисел лидерите на ЕУ ги договараа ставовите за средбата на Г20Фотографија: AP

ЕУ оди на самитот како единствен блок, барем ако им се верува на зборовите на францускиот претседател Никола Саркози: „Сите се согласни околу даночните оази и црната листа, потоа околу хеџ-фондовите, платите на менаџерите, јасните правила за билансите на банките, како и за неопходноста од контрола“.

Но, многу подробности на тие поединечни точки и натаму се спорни во ЕУ и, се разбира, во Лондон мора да бидат усогласени и со другите учесници на самитот. Пример се даночните оази. Германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик предизвика жестоки реакции не само во Швајцарија, туку и во земји на Унијата како Луксембург и Австрија, со барањето за поголема кооперација во борбата против затајување на данок. Привремен резултат на таа внатреевропска битка е дека ниедна земја на ЕУ не треба да се најде на таканаречената „црна листа“ на некооперативни држави.

Протекционизмот не го штити никого

При совладувањето на кризи секогаш наново се појавува прашањето кои тежишта треба да бидат поставени: контрола на финансиските пазари, стимулирање на побарувачката или спасување на работни места? Претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо смета дека сите аспекти мора заеднички да се согледаат. „Финансиските пазари, стопанството, работните места - тие работи не можат да се одвојуваат. Не можеме економските прашања да им ги спротивставиме на социјалните, или пак социјалните на финасиските прашања. Ние мораме да дејствуваме насекаде“, вели Барозо.

Britischer Premier Brown zu Gast bei Frankreichs Präsident Sarkozy
Британскит премиер Гордон Браун и францускиот претседател Никола СаркозиФотографија: picture alliance / abaca

Домаќинот на самитот на Г20, британскиот премиер Гордон Браун, гледа опасност во многу земји - и во Европа исто така, погрешно да се реагира на кризата. Тој предупреди во Европскиот парламент: „Знам дека некои се во искушение, на таа несигурност да реагираат со повлекување. Но, ви велам, ако било кога нешто сме научиле од историјата, тогаш е тоа дека протекционизмот е политика на дефетизам, повлекување и страв, и тој на крајот не го штити никого“.

Европа стори се’ што можеше

При сета готовност за компромиси во многу поединечни прашања, за еден пункт Европа не е подготвена да дискутира: уште повеќе државни конјунктурни програми, какви што бара на пример Вашингтон, отфрла убедливо најголемиот дел од владите. Некои држави веќе сега се „до гуша во вода“. Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелт на самитот на ЕУ предупреди на последиците од трошењето пари: „Проблем е што доаѓаме до точка, во која Европа стори се’ што можеше, и до точка во која многубројни европски економии имаат огромни буџетски дефицити, што пак создава нови проблеми. Тоа ги тера угоре каматите и даноците, за да се порамнат тие дефицити“.

Основен проблем на средбата на Г 20 од европски агол е што во Лондон ќе учествуваат мал број од државите на Унијата, а другите само ќе бидат претставувани од нив. Притоа, прашање е колку малите држави ќе се чувствуваат добро претставувани од големите.


Автор: Кристоф Хаселбах / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска