1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Abwehrzentrum Rechtsterrorismus

17 декември 2011

Одговор на државата на низата потфрлувања во серијата убиства со десноекстремистичка заднина е отворање заеднички центар за одбрана на полицијата и тајните служби.

https://p.dw.com/p/13Uj7
Од отворањето на „Одбранбениот центар“-Хајнц Фром, Ханс-Шетер Фридрих и Јерг ЦиркеФотографија: dapd

Не станува збор за нова служба, истакна германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих, кој во Берлин ја претстави платформата за подобра соработка на полицијата и тајните служби. Се работи за поефикасно сузбивање на милитантниот десен екстремизам. Новиот „Одбранбен центар“ се состои од едно одделение на полицијата и едно на тајните служби, првото се наоѓа во Мекенхајм, а второто во Келн. Предвидена е нивна дневна размена на информации. Околу 130 до 140 службеници треба да овозможат перманентен притисок и следење на десноекстремната сцена, како што изјави претседателот на Сојузната служба за борба против криминалот, Јерг Цирке. Подоцна може да дојде до зголемување на бројот на соработниците.

Abwehrzentrum gegen Rechtsextremismus GAR Friedrich Ziercke Fromm PK Eröffnung
Фотографија: dapd

Компликуваната конструкција на „Одбранбениот центар“ со две седишта има политичко-историски причини-т.н. „закон за поделба“ на полицијата и тајните служби во Германија забранува неограничено натамошно проследување на информациите на тајните служби до полицијата и обратно, односно дури и организациско препрелување. Со тоа татковците на германскиот устав сакале да спречат создавање премногу моќна тајна полиција како Гестапо во времето на Хитлеровиот режим. Претседателот на Сојузната служба за заштита на уставот Хајнц Фром смета дека оваа пoделба, која речиси никаде не е така строга како во Германија, има смисол не само од политички аспект. Таа е важна според него и заради заштита на изворите и информантите во десноекстремистичката сцена. „Полицијата смее да прави се‘, но не смее да знае се‘, Службата за заштита на уставот смее да знае се‘, но напротив не смее да прави се‘“, истакнува Фром.

Новиот „Одбранбен центар против десниот екстремизам “ не треба да врши само истрага во врска со актуелните напади, туку и да ги расчистува нерешените од минатото. Германскиот министер за внатрешни работи Фридрих очекува дека новиот Центар би можел да пружи и нови докази кои би помогнале за законска забрана на десноекстремистичката партија НПД. Допрва треба да се провери во колкава мера неонацистичката келија од градот Цвикау била поврзана со партиските структури на Националдемократската партија на Германија.

Автор: Бернд Греслер/ Ж.Ацеска

Редактор: Александра Трајковска