1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбиен предлогот на ВМРО ДПМНЕ за уставни измени за бракот

ЖА/миа24 септември 2013

Собранието на Македонија не го прифати предлогот за уставно дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена.

https://p.dw.com/p/19nwm
Фотографија: MIA

Со 47 гласа „за“, 12 воздржани и 26 „против“ Собранието на денешната 72. седница не ја донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија во делот на дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена, поднесен од пратеници од владејачкото мнозинство.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потсетија дека со Предлогот бараат уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, а децата без родители да можат да бидат посвојувани само од брачни двојки во кои ќе има еден маж и една жена или од самохрани родители.

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека огромно мнозинство од граѓаните или 97 отсто го поддржува овој Предлог и се за традиционалните вредности. Тој побара да се спречи обидот во иднина опозицијата преку измени во Законот за семејство тоа да го промени и да ги признае хомосексуалните бракови.

„Нашиот став е дека не треба да има насилство и дискриминација, но бракот да биде меѓу маж и жена“, рече Ѓорчев.

Игор Ивановски од СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ со своите лоши економски и социјални политики го уништувала македонското семејство. Toa, како што наведе, резултира со иселувања во странство, раѓање помалку деца и неможност за пристојна егзистенција.

Орхан Ибраими од ДПА посочи дека албанското семејство го негува бракот како света институција низ вековите и во тоа, како што рече, несомнено има помогнато и верата.

„Нашата грижа е дека албанското семејство е погодено со тоа што се остава на маргините од страна на Владата, институциите, државата и Уставот“, рече Ибраими.

Ермира Мехмети од ДУИ го оцени пристапот на ДПА како погрешен.

„ДПА и ДУИ немаат никави разлики за уставните измени. Очекував во оваа дискусија, како ДПА, да се нагласи уште еднаш фактот дека албанските политички партии се и ги поддржуваат уставните измени, но кога станува збор за реални, коренити и содржински уставни измени, а не уставни измени за кои се расправаше во вчерашниот и денешниот ден“, рече Мехмети. Со решенијата што ги нуди Уставот од аспект на бракот, потенцира таа, сметаме дека во суштина оваа тема не бара подлабок третман.

Наџи Џелили од НДП рече дека со Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија во делот на дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена се бега од реалноста, од политичката, економска и социјална состојба што владее во земјата, а за која, како што рече, придонесе ова парламентарно мнозинство.

Тој потенцира дека НДП е против девалвирањето на традиционалните вредности, како бракот, семејството и сите институции повразни со тоа.