1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Објавени номинациите за „Оскар 2010“

2 февруари 2010

Американската филмска академија денеска ги објави номинациите за престижната награда Оскар. Најмногу по девет номинации имаат филмовите „Аватар“ и „Харт Локер“.

https://p.dw.com/p/Lpnu
„Аватар“ со девет номинацииФотографија: 2009 Twentieth Century Fox

Оваа година првпат во категоријата најдобар филм се номинирани десет филмски остварувања, меѓу кои според предвидувањата се најдоа „Аватар“, „Харт Локер“, „Неславни копилиња“ и анимираниот „Горе“.

Sandra Bullock in Die Vorahnung
Сандра Булок важи за фаворит во категоријата најдобра женска улогаФотографија: AP

Освојувачот на „Златен Глобус“ Џеф Бриџис за улогата во филмот „Лудо срце“, според критичарите е првиот избор во петорката која претендира за освојување на Оскарот за најдобра машка улога. Чекор зад него се Џорџ Клуни, Колин Фирт, Морган Фримен и Џереми Ренер.

Кај дамите, пак, главен фаворит е актерката Сандра Булок за нејзината улога во филмот „Слепата страна“, а друштво во оваа категорија и` прават Хелен Мирен, Кери Малиган, Габуреј Сидибе и Мерил Стрип.

Германскиот филм „Белата лента“ од Михаел Ханеке, кој веќе освои голем број интернационални филмски награди, годинава е номиниран во категоријата најдобар филм од странска продукција.

Водители на 82-то доделување на наградите Оскар ќе бидат актерите Стив Мартин и Алек Болдвин, а церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 7 март во Кодак театарот во Лос Анџелес.

Автор: ТТ/СН/дпа/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска