1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Облека која предизвикува рак

Ралф-Хајнрих Аренс/ Жана Ацеска8 јуни 2013

Многу текстилни производители и познати модни марки во изработката на облека користат и опасни хемикалии. Тоа го критикува организацијата Гринпис. Трговците најавуваат бојкот на вакви производи.

https://p.dw.com/p/18lbT
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Модните марки ширум светот ги користат реките како канали за одвод на отпадот“, тврди Манфред Сантен. Но, активистот на Гринпис, организацијата за заштита на природата, е оптимист. Тој верува дека во иднина производителите на облека своите маици и пантолони ќе ги произведуваат „чисти“. А тоа значи без хемикалии кои сега се користат во производството и преработката на текстилна стока.

Некои хемикалии можат да предизвикаат рак или да влијаат врз хормоналниот систем.

„Тие хемикалии во земјите на производство преку отпадните води завршуваат и во реките“, вели Сантен. Но, и подоцна, откако облеката ќе се извезе во други земји, отровните честички го „напуштаат“ текстилот, на пример при перењето. Така тие во цел свет ја загрозуваат водата за пиење и животната околина на морската популација. Дури и ако облеката не е отровна, можно е во процесот на нејзиното производство да се користени штетни материи.

„Отровни брендови“

Сите водечки марки во светот ги користат тие хемикалии. Тоа Гринпис го докажа во летото 2012 година. Организацијата во независни лаборатории испита 141 парче облека од 29 земји. Фармерки, пантолони, маици и долна облека. Се работеше за облека од познати модни марки, како Армани, Бенетон, односно Ц&А, Келвин Клајн, Дизел, Еспри, Геп, Х&М, Џек&Џонс, Левис, Манго, Томи Хилфигер, Веро мода, Викторија сикрит и Зара (на насловната фотографија: активисти на Гринпис пред филијала на Зара во Женева).

Резултатите го шокирале Сантен:„Опасни материи не најдовме на сите парчиња облека, но сепак ги имаше кај секоја од фирмите. На пример, на текстилните производи од Зара, марка која и‘ припаѓа на шпанската групација Индитекс. Во фармерките на Зара, произведени во Пакистан, стручњаците пронајдоа материи кои можат да предизвикаат рак. Хемикалијата наречена АПЕО беше присутна и во детска јакна. Со помош на тие хемикалии, производителите ги чистат конците и облеката. Но, тие преку отпадните води стигнуваат и во реките и морињата, па се опасни и за рибите“.

Textilfabrik in Rangun
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа е познато веќе 30 години“, вели Алекс Фелер, шеф на здружението ТЕГЕВА, кое ги застапува интересите на хемиската индустрија, која произведува средства кои потоа текстилните производители ги користат во обработката и чистењето на облеката. Не мора да се користат опасни материи, постојат и хемикалии кои не се отровни, тоа се масните алкохоли. Од нив не настануваат никакви отпадни производи штетни за околината и за рибниот свет, тврди Фелер.

Германските хемиски фирми уште во 1986 година доброволно се откажаа од користењето на средството АПЕО за производство на детергенти. Употребата на АПЕО е строго регулирана во ЕУ. Од 2005 година таа хемиска супстанца смее да се користи само ако не завршува во отпадните води. Но, на глобално ниво не постојат такви строги правила.

„Хемиска“ мода

Гринпис затоа ги обвинува модните куќи дека своите производи непотребно ги загадуваат со опасни хемикалии. Модната бранша бурно реагираше на тврдењето. Од 2011 година, кога Гринпис ја покрена кампањата против хемикалиите во облеката, 17 големи брендови, меѓу кои и Адидас, Најк, Х&М, ветија дека до 2020 година ќе престанат да користат штетни материи. Зара тврди дека не го користи АПЕО уште од мај 2013 година. Гринпис најави контрола дали производителите ќе се држат до ветувањата.

Сантен сепак потсетува дека модните куќи се соочени со големи предизвици: „Тие често не знаат кои фирми, каде и што воопшто за нив преработуваат и произведуваат. Тоа е проблем пред се‘ за фирмите како Зара и Х&М. Тие во само неколку недели ’одговараат’ на новите модни трендови, во рекордно кратко време креираат, произведуваат и продаваат нови колекции. Тоа не би било можно без логистичка поддршка“.

„А тогаш е тешко да се има преглед каде се произведуваат одредени делови од облеката“, дополнува Сантен. Проблем е и комплицираната достава. Фелер како пример го наведува следниот сличај: „Одделни производители на текстил имаат и по 100-200 фирми во Кина, Пакистан и Бангладеш, кои за нив шијат облека“. А тие фирми во Азија хемикалиите за обработка на текстилот ги купуваат од различни понудувачи. Во таков случај, тешко може да се задржи воопшто контрола над производниот процес.

Textilfabrik in Banglasesch
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Чисти“ хемикалии

Употребата на хемикалии кои не се штетни не влијае значително врз висината на цената на облеката, тврди Фелер, евентуално се работи за дополнителни трошоци кои изнесуваат неколку центи.

„Но, модните фирми мораат да проверуваат дали нивните добавувачи се придржуваат кон новите правила“. Фелер затоа се залага за стратегија според која добавувачите би можеле да бидат „исфрлени“ од работата ако не се придржуваат кон правилата.

Дека такви закани функционираат, докажа и автомобилската индустрија. Уште одамна фирмите кои произведуваат автоделови мораат да потпишат дека нивните производи не содржат одредени отровни материи. Тоа важи на пример и за производителите на седишта за автомобили, вели Ханс Фајл. Тој е шеф на Одделот за токсикологија во фабриката на Форд во Келн: „Ако констатираме дека некој не се придржува до нашите правила, знаеме да бидеме ригорозни“. Доставувачите текстилот за седиштата значи го перат доволно, пред да го испратат на Форд или користат веќе неотровни хемикалии.

За Гринпис тоа не е доволно. Организацијата бара целосно воздржување од отрови, со што и реките во Бангладеш, Кина или Виетнам би биле чисти. Примерот со автоиндустријата сепак покажува - можно е контролирање и на комплексните синџири на лиферанти.