Обединувањето го смени ликот на Партијата на Левицата
30 јануари 2009Декември 1989 година. Германско-германската граница е отворена од пред еден месец. Берлинскиот ѕид падна, со него и еден цел политички систем. Народното собрание ја избриша од уставот на Германската Демократска Република водечката позиција на Единствената социјалистичка партија на Германија (СЕД). Нејзините членови на вонреден партиски конгрес дебатираат за иднината на СЕД.
На избор се две опции: распуштање или темелна внатрешна обнова. Некогашната државна партија не беше распуштена, туку нејзината програма беше преработена, а партијата преименувана. СЕД стана СЕД-ПДС, Партија за демократски социјализам. Но, само малкумина веруваа во славна иднина на партијата. Од некогашните 4.000 редовно вработени соработници, останаа само околу 200.
Источногерманска регионална партија?
Дваесетина години потоа, партијата што во меѓувреме се нарекува „Левица“, на се’германските избори настапува како четврта по сила, зад Социјал-демократската партија (СПД), Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Либерално-демократската партија (ФДП). На Истокот таа е речиси изедначена по ранг со ЦДУ, а во неколку покраински парламенти е пред СПД. Значи, една успешна сторија. „Речиси од ништо, од партија на која и’ немаше место во парламентот, се создаде партија, на која на изборите за Бундестагот и’ се предвидуваат во просек по десетина проценти од гласовите. Тоа е невообичаено“, вели политикологот Тим Шпир од Универзитетот во Гетинген.
Многумина набљудувачи партијата СЕД-ПДС, која од четврти февруари 1990 година се нарекуваше само ПДС, на времето ја сметаа за чисто привремен феномен. На првите се’германски избори за Бундестагот во декември 1990 година, ПДС навистина освои 11,1 насто во источните покраини, но на ниво на целата обединета Германија беа само 2,4 проценти. Многумина политички набљудувачи оценија дека со изедначувањето на економските и социјалните услови, ќе опадне и значењето на една таква источногерманска „регионална партија“.
„Развој со експресно темпо“
Но, подемот на ПДС се чини дека е континуиран и незапирлив. На покраинските парламентарни избори во Тирингија во 1990 година партијата освои 9,7 проценти од гласовите, четири години подоцна веќе беа 16,6%, во 1999 освоија 21,3%, а во 2004 дури 26,2 проценти. Премногу за да се зборува само за чисто регионална или партија за која се гласа од протест. Во 1994 година во покраината Саксонија-Анхалт првпат беше формирана „црвено-зелена“ покраинска влада од СПД и Зелените, која се потпираше врз поддршката од страна на ПДС. Првата „црвено-црвена“ СПД-ПДС коалиција беше формирана во 1998 година во покраината Мекленбург-Предна Померанија. Од 2001 година и во главниот град Берлин (кој има статус на сојузна покраина), исто така, владее „црвено-црвена“ коалиција. За Шпир, ова е „развој со експресно темпо“.
Но, учеството во владата во Берлин не е само благослов, туку истовремено и проклетство. На покраинските избори во 2006 година партијата претрпе загуби и до 20 проценти во упориштата на Истокот. Причина: недоволниот профил - во тоа се согласни коментаторите. На ПДС тогаш и’ дојде како порачана „Партијата работа и социјална праведност - изборна алтернатива“ (ВАСГ). ВАСГ, сојуз од поранешни членови на СПД и на синдикатите, се конституира како партија на почетокот од 2005 година, од протест против економската реформска политика на тогашниот канцелар Герхард Шредер (СПД). И ВАСГ се изјасни за демократски социјализам. Обете партии се претопија во една и оттогаш се нарекуваат „Левица“.
Мала етаблирана партија
На новата партија „Левица“ и’ успеа во мај 2007 година во Бремен (град со статус на сојузна покраина) првпат да влезе во покраинскиот парламент во западниот дел на Германија. Во меѓувреме, таа е застапена и во покраинските парламенти на Хесен и на Долна Саксонија. Партијата го чувствува расположението на населението, анализира Тим Шпир. Левицата може очигледно подобро да одговори на барањето за социјална праведност, отколку што тоа во моментов може да го прави СПД како традиционална партија што носи одговори на социјални прашања. „Со тоа ’Левицата’ си обезбеди натамошна егзистенција за подолго време“, вели Шпир.
За ниедна друга партија во Германија не се дебатира толку решително и емоционално, колку за „Левицата“. Старо-новата партија постојано ги предизвикува старите антикомунистички рефлекси на граѓанските партии. Но, и граѓанските партии мораа да признаат: во моментов, а очигледно и за догледно време, четирипартискиот германски политички пејзаж се претвори во петпартиски. Само, што точно сака „Левицата“? Тоа мора самата допрва да го установи. Досега, таа се’ уште нема никаква партиска програма, а клучните точки се збунувачки: партијата, според сопствени наводи, се определува за пазарно стопанство, а сепак истовремено сака и укинување на капитализмот.