1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинувања за шпионажа против Мурси

АТ/ дпа/ ртр14 јули 2013

Во Египет се подигнаа масовни обвинувања против соборениот претседател Мурси и други членови на Муслиманското братство. Правосудните органи водат истрага. Засега е непознато од кого доаѓаат обвинувањата.

https://p.dw.com/p/197ST
Фотографија: Ahmed Mahmud/AFP/Getty Images

До египетското Државно обвинителство притсигнаа пријави против Мохамед Мурси и повеќе водачи на исламистичкото Муслиманско братство, од каде потекнува Мурси. Обинувањата се однесуваат на шпионажа, наштетување на стопанството, повик за насилство против демонстрантите и напади врз воени институции, соопштија властите (на насловната фотографија е генерланиот државен обвинител Абдел Мегид Махмуд).

Обвинувањата освен против Мурси се однесуваат и на осум водечки личности во Муслиманското братство, меѓу нив и претседателот Мохамед Бадие и заменикот шеф на партијата на Исламистите Есам ал Ериан. Обвинувањата се проверуваат, се вели во соопштението. Додека да дојде до формално обвинување може да поминат денови, ако не и месеци. Кој поднел пријава против Мурси, Државното обвинителство не одговори.

Мурси во моментов се држи на непознато место. Војската го собори од власт на 3. јули. Некои водачи на Муслиманското братство оттогаш се уапсени или се бараат со налог за апсење.

Формирањето на влада напредува

Во моментов новите челници во државата очигледно напредуваат во формирањето на владата. До вчеравечер веќе беа познати кандидатите за повеќето клучни министерства, како што соопштија двајца високи по ранг претстваници на преодното раководство.

Според информациите либералниот економски експерт Хасем ал Белави, назначен за преоден премиер планира Министерството за финансии да го предаде во рацете на Хани Кадри, христијанин, кој во Египет ги водеше преговорите за кредит од ММФ. Министер за надворешни работи би требало да биде Набил Фахми, поранешен амбасадор на Египет во Вашингтон. Генералот Абдел Фатах ал Сиси, според очекувањата би требало да го преземе Министерството за одбрана.

Одлуката меѓутоа се' уште не е конечна, велат двајцата владини претставници. Кандидатите мораат да ги прифатат функциите.

Ситуацијата на Синаи небезбедна

Приврзаниците на Мурси и вчера се собраа пред џамијата во Назр сити. Тие сакаат да останат таму додека Мурси не се врати на власт.

На северот, на полуостровот Синаи вооружени исламисти го нападнаа меѓународниот аеродром во градот Ал Ариш. Во Рафах на границата кон Појасот Газа биле нападнати египетски војници. Армијата, пак, според извори од безбедносните кругови, во борбата против џихадистите употребила хеликоптери.