Обама се сретна со лидерите на Источна и Централна Европа
9 април 2010Гест кој има за цел да покаже дека „зајакнувањето“ на односите меѓу Америка и Русија по потпишувањето на новиот Договор за намалување на нуклеарното вооружување, не значи ослабнување на американските врски со земјите од Средна и Источна Европа. Ова е оценката по средбата во Прага на претседателот на САД Барак Обама со лидерите од поранешниот советски блок - Бугарија, Естонија, Литванија, Летонија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Чешка, како и со Словенија и Хрватска.
Атмосфера на поддршка
Чешкиот премиер Јан Фишер, по вечерата на лидерите со претседателот Обама, со оценка дека „атмосфера на страв, поради ресетирањето на руско-американските односи, не владеела на состанокот“: „На средбата не прозвучеја некои стравувања. Беше изразен интерес и потреба односите со Русија да бидат градени и во иднина како транспарентни, ефективни, заеднички да се информираме и комуницираме, што беше потврдено и од американскиот претседател. Значи, немаше стравување од ’ресетирањето’ на односите, напротив поддршка, но процесот да биде транспарентен, да ги почитува интересите на регионот, а со тоа мислам дека американскиот претседател немаше проблем. Јас сум длабоко уверен дека претседателот Обама сметаше дека е корисно да ги покани во Прага, на маргините на самитот со Русија овие земји, за нивните претставници да ги информира за натамошните принципи на американската политика и политиката на Алијансата. Тој не даде причини за изборот на земјите, а и воопшто не беа побарани причините од него од страна на учесниците,“ изјави чешкиот премиер Фишер.
Ангажманот на НАТО во Авганистан - централна тема
Чувствителното прашање за американскиот антиракетен систем, кој според плановите на претходната американска администрација требаше да биде разместен во Полска и Чешка, како што е соопштено, било само маргинално прашање на состанокот. Доминирале темите за ангажманот на НАТО во Авганистан, како тест за Северноатлантската Алијанса, и енергетската безбедност. Американскиот претседател Барак Обама денеска по билатералните средби со чешкиот претседател Вацлав Клаус и премиерот Јан Фишер, ја завршува посетата на Прага.
Автор: Теодора Давчевска
Редактор: Александра Трајковска