1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама се надева на притисокот на лобистите против оружјето

Тимо Фукс / Елизабета М. Фиданоска17 јануари 2013

Американскиот претседател Барак Обама го претстави планот со кој треба да се отежне купувањето и употребата на оружје. Дали Конгресот ќе даде согласност?

https://p.dw.com/p/17LTD
Фотографија: Reuters

Претседателот Барак Обама и неговиот заменик Џо Бајден знаат во што се впуштаат. Досега повеќемина се обидоа да ги заострат законите за оружје во САД. Ќе биде тешко, вели Бајден: „Јасно ни е со кого имаме работа.“

Владата на Обама, меѓу другото, сака да спроведе три мерки. Прво, генерална проверка на купувачите на оружје, затоа што 40 проценти од огненото оружје во САД го менува сопственикот без никаква проверка на купувачот. Второ, претседателот сака да се забрани полуавтоматското оружје и трето - да се забрани продажба на магацини за оружје со голем број куршуми кои можат да се испукаат за само неколку секунди.

Влијателни противници

Меѓутоа, Обама самиот не може да донесе пакет закони. За тоа му е неопходно мнозинство во Конгресот. Дали тооа ќе успее не е сигурен ниту претседателот. Меѓу противниците на поостри закони се голем број Републиканци во Конгресот, но не само тие. Дури и шефот на Демократите во Сенатот се спротивставува. Хери Рид вели дека мнозинството Американци е за задржување на правото да се поседува оружје и од политиката бара да биде претпазлива. Влијателниот Демократ дури не се ни обидува да се прави како да се бори за консеквентен предлог закон. Тој не сака да влегува во бесконечни дискусии со Републиканците само за да може да каже дека направил нешто.

USA Mehrheitsführer Senat Harry Reid
Хери РидФотографија: AP

Хери Рид тешко дека ќе му биде од помош на претседателот. Напротив, како и многумина политичари и тој е страствен хоби-стрелец и добива поддршка од лобито за оружје, Националната асоцијација за оружје (НРА).

НРА ги користи своите извонредни политички врски и смета дека сигурно ќе извојува победа. Таа се чука в гради со податокот дека по масакрот во Њутаун пред еден месец, добила 250.000 нови членови. Тоа се четврт милион избирачи. Тоа е предупредување до сите политичари кои сакаат да и‘ завртат грб на НРА.

Забрана на полуавтоматско оружје само како предмет на преговори?

Затоа шефот на НРА е убеден дека Обама нема да добие мнозинство, на пример за забрана на полуавтоматско оружје. Дејвид Кини во изјава за телевизијата Си-Ен-Ен се повика на уставот. Уставот навистина е најголемата поддршка за застапниците за оружје, зашто таму е запишано дека секој Американец има неограничено право на оружје.

Barack Obama Waffengesetze in den USA
Фотографија: Reuters

Со оглед на тоа што меѓутоа овој параграф може да се интерпретира на повеќе начини, Обама сепак има шанса нешто да промени. Тој во заднина работи на создавање на лоби против оружјето, во кое црквите или граѓанските здруженија ќе извршат влијание врз расположението на населението, за притисокот врз противниците на Обама да тргне од базата нагоре. Кога тој притисок ќе биде доволно голем, ќе може да се преговара. Обама веројатно бара забрана на полуавтоматско оружје само за да има предмет за преговори од којшто ќе може да се откаже. Тој знае дека за тоа тешко дека има шанси. Но на крајот, можеби сепак ќе успее да се избори за генерална контрола на лицата кои купуваат оружје.