Обама се заложи за заштита на ранливите групи
22 јануари 2013„Не веруваме дека слободата во оваа земја е резервирана за среќниците или, пак, среќата за малкумина“, рече Обама. „Одлуките се на нас и не можеме да си дозволиме одложување. Сега, повеќе од кога и да е претходно, мораме да ги правиме работите заедно, како една нација, како еден народ“.
Обама се заложи и за заштита на ранливите групи. „Нашиот пат нема да биде комплетен се’ додека нашите геј браќа и сестри не бидат третирани како сите други според закон. Ако навистина сме создале еднаквост, тогаш секако дека и љубовта меѓу нас треба да биде еднаква“, рече Обама. „Нашиот пат нема да биде комплетен доколку не најдеме подобар начин да ги примиме имиграните кои на Америка гледаат како на земја на можности“, додаде Обама.
Тој се осврна и на ставањето крај на вооруженото насилство, велејќи дека патот нема да биде комплетиран доколку децата не бидат згрижени и заштитени од напади. Обама ги повтори и обвинувањата дека САД е земја која е во рацете на богатите.
Републиканците го поздравија неговиот говор, но сметаат дека Обама како претседател се затскрил зад идеолошките поделби. Критички настроени беа и дел од медиумите.
„Од говорот исчезнаа повиците кои можевме да ги слушнеме при неговата прва инаугурација, дека ќе се работи над партиските поделби, ќе се надминуваат идеолошките разлики и ќе се работи на обединување на земјата. Обама зборуваше пред море негови поддржувачи собрани на националниот мол во Вашингтон и јавно го кажа тоа што неговите советници долго време го кажуваат тајно, дека единствениот начин на кој претседателот ќе успее да ја наметне својата волја врз поделената власт е да изврши огромен надворешен притисок врз неговите противници, напиша Мајкл Шерер, известувач на неделникот Тајм од Белата куќа, по инаугурацијата.
Џенифер Рубин, блогерка во Вашингтон пост, оцени дека отвореното декларирање на Обама како политичар од американската левица ќе предизвика натамошна поларизација и заострување на политичката сцена.
„Доколку претседателот навистина се залага да има повеќе владина контрола, повисоки даноци и натамошно повлекување во надворешната политика, тогаш Републиканците можат да се обединат во заедничка решеност да се спречи натамошното лизгање на државата во лево. Какви и да се разликите меѓу републиканците, тие се обединети во целта да се запре растот на долгот, трошењето и на либералната социјална држава“, смета Рубин.