1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама не знаел ништо за прислушувањето на Меркел

АТ/ дпа/ шпигел онлајн 26 октомври 2013

Американскиот претседател Барак Обама не бил информиран за прислушувањето на телефонот на канцеларката Ангела Меркел. Германските медиуми јавуваат дека претседателот се извинил при телефонскиот разговор минатава недела.

https://p.dw.com/p/1A6fo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американскиот претседател Барак Обама, според пишувањето на еден весник, индиректно признал дека тајната служба НСА би можела да ја шпионира канцеларката Ангела Меркел. Тој при телефонскиот разговор со германската канцеларка изминатата среда (23.10) ја уверувал дека не знаел дека нејзиниот мобилен телефон бил прислушуван од НСА, пишува „Франфуртер алгемајне сонтагсцајтунг“ без да наведе извор.

И „Шигел онлајн“ наведува дека Обама ја уверувал Меркел оти не знаел ништо за овие шпионски активности. „Обама се изјаснил, дека веднаш би ја стопирал акцијата на прислушување, доколку за тоа бил информиран. Претседателот на САД изразил длабоко жалење и се извинил кај Меркел, се вели во канцеларскиот кабинет“, објавува „Шигел онлајн“.

Досега Белата куќа, по телефонскиот разговор на Меркел со Обама во писмено соопштение само соопшти. „Претседателот ја увери канцеларката, дека Соединетите Држави не ја надгледуваат и нема да ја надгледуваат комуникацијата на канцеларката“. Портпарол на Обама го остави отворено прашањето, дали телефонот на Меркел бил прислушуван во минатото.

Портпарол на германската влада денеска одби да заземе став по извештаите во медиумите. „Ние не известуваме за доверливи разговори“, изјави тој за агенцијата ДПА.

Symbolbild NSA Überwachung
Фотографија: imago/Roland Mühlanger

Исто така и „Њујорк тајмс“ објавува дека претседателот Обама не знаел ништо за можното надгледување на мобилниот телефон на германската канцеларка. Националаната советничка за безбедност на Обама, Сузан Рајс тоа му го кажала на нејзиниот германски колега Кристоф Хојсген, но одбила да ги потврди шпионските напади, пишува денеска весникот без да наведе извори на информациите.

Според „Њујорк тајмс“ најверојатно прислушувањето започнало пред околу една деценија, значи во периодот на претходникот на Обама, Џорџ Буш. Меѓутоа не е јасно што е она што ја натерало владата на Буш на овој чекор и зошто Обама „очигледно дури и по пет години на претседателската функција не знаел дека се случило тоа“.

По аферата, во Германија во меѓувреме, сѐ погласно се бара да се извлечат консеквенции. Шефот на пратеничката група на Партијата на левицата, Грегор Гизи во весникот „Рајнише пост“ се заложи за тоа поранешниот соработик на НСА, Едвард Сноуден да се сослуша како сведок. Потоа би морало да му се овозможи и безбеден престој во Германија.

Генералниот државен обвинител Харалд Ранге меѓутоа не гледа можност во моментов за сослушување на Сноуден, кој се наоѓа на непознато место во Русија. „Не можеме да сослушуваме сведоци во овој стадиум на постапката, кога воопшто немаме истражна постапка. Ние само можеме да собереме информации и го правиме тоа“, изјави денеска Ранге во Карлсруе.