1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама најави (мини)реформи на НСА

Сабина Фриц (ард)/ А.Трајковска18 јануари 2014

Пресврт во американскиот систем на шпионажа Барак Обама не најави. Претседателот меѓутоа вети дека НСА во иднина нема да прислушува политичари од пријателски држави. Причина за овој став е веројатно канцеларката Меркел.

https://p.dw.com/p/1At45
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

САД повеќе нема да прислушуваат шефови на влади, најави претседателот Барак Обама во својот говор за реформата на НСА: „Нема да ја прислушуваме комуникацијата на премиери на наши блиски пријатели и сојузници“.

Соработници на претседателот имено говорат за еден „Меркел-момент“. Кога претседателот дознал дека бил прислушуван мобилниот телефон на германската канцеларка Ангела Меркел донесол одлука да стори нешто.

Меѓутоа, Американците и натаму ќе ги надгледуваат владите. „Дозволете јасно да кажам. Нашите тајни служби и натаму ќе ги шпионираат намерите на други влади, исто како што прават и другите тајни служби“. Тој нема да се извини за тоа што тајните служби на САД подобро си ја извршуваат работата од другите, рече Обама.

За собирањето на податоците од странство малку работи ќе се променат. Американската тајна служба НСА и натаму смее да собира и анализира и-мејлови, СМС-пораки и ГПС-податоци.

Деталите допрва ќе се обработуваат

Малку построги ќе бидат правилата за НСА во контекст во американските државјани. Голема тема во САД е тоа што НСА собирала телефонски мета податоци од милиони граѓани. Во иднина овие податоци нема повеќе да се чуваат од страна на НСА, туку на трето место, на пример кај телефонските компании. Доколку НСА сака да има пристап до овие податоци, во иднина ќе ѝ биде потребна судска одлука. Деталите за тоа треба да ги изработи Министерството за правда.

Symbolbild NSA Abhöraffäre
Претседателот нема да се извини за „добрата работа на тајните агенти“Фотографија: picture-alliance/dpa

„Работите тукушто почнаа“, јасно кажа претседателот на САД. Многумина критичари меѓутоа сметаат дека Обама ја одложува реформата на тајните служби.

„Гледаме малку конкретни реформи. Гледаме дека топката се враќа во Конгресот и дека реформите се одложени за во иднина“, изјави основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, за телевизијата Си-Ен-Ен. Исто така и Лери Клејман од групата за граѓански права „Фридом воч“ е разочаран. Тој за АРД изјави: „Тие уште сега не се придржуваат до законот. Велат дека ни се потребни нови закони, но тие не ги почитуваат ниту постоечките“.

Обама: НСА внимава на приватната сфера

Обама говорот го одржа во Министерството за правда, место кое треба да претставува правда и заштита за граѓаните. Претседателот вети дека тајните служби одговорно се однесуваат со податоците на граѓаните: „Мажите и жените кои работат за тајните служби вклучително и НСА, ја штитат приватната сфера на нормалните граѓани. Тоа го покажуваат протоколите. Тие не ја злоупотребуваат нивната моќ да прислушуваат приватни телефонски разговори или да читаат приватни мејлови“.

Претседателот во говорот не се осврна на грижите на американските интернет фирми кои стравуваат за својот бизнис поради тоа што податоците директно се собираат од нив. Републиканецот Рандал Пол вели дека за тоа има само еден заклучок: „Оцена 5 за ангажманот, оцена 3 за содржината“.