1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Obama Irak

8 април 2009

Американскиот претседател Барак Обама за време на ненајавената посета на Ирак го потенцираше значењето на американскиот воен ангажман во Ирак. Наредните 18 месеци би можеле да бидат критични, порача Обама.

https://p.dw.com/p/HSLu
Барак Обама и главниот командат на американските сили во Ирак, генералот Реј ОдиерноФотографија: AP

Посетата на Багдад имаше демонстративен карактер. Тука Барак Обама го остварува централното предизборно ветување - да ја заврши неомилената војна во Ирак, да ги врати трупите дома и да му стави крај на несреќното поглавје кое го започна неговиот претходник Џорџ Буш пред шест години. Тоа беше прва посета на Обама на Ирак како претседател. Кусата посета не беше вистинско изненадување. Откако тој ја заврши посетата на соседна Турција, можеше да се смета на тоа, дека нема да ја пропушти можноста да отпатува до Багдад. Како што е вообичаено, од безбедносни причини тоа не беше официјално најавено. Во фокусот на краткиот престој во Ирак беа американските војници, кои во моментов ги има околу 130 илјади. Обама најави дека најголем дел од борбените трупи ќе ги врати дома до август наредната година. САД имено планираат по овој датум во Ирак да останат околу 50 илјади војници. За нецели три месеци тие повеќе не би требало да патролираат во големите ирачки градови, за чија безбедност ќе треба да се грижат ирачките војници.

Reise Präsidentschaftskandidat Barack Obama im Irak
Обама го посети Ирак и како претседателски кандидат во јули 2008 годинаФотографија: AP

„Време е да им ги предадеме овластувањата на Ирачаните. Тие мора да преземат одговорност за нивната земја, за нивната сувереност“, изјави Обама пред околу 600 американски војници во базата Виктори во близина на Багдад.

Расте бројот на бомбашки напади во Ирак

US Soldaten im Irak, Autobombe
Американските војници ќе им ја препуштат одговорноста на ирачкитеФотографија: AP

Повлекувањето на американските трупи во Ирак е дел од промената на стратегијата во надворешната политика на САД, која од друга страна предвидува зголемување на трупите во Авганистан.

Во кратката оценка на состојбата во Ирак, Барак Обама истакна дека се надева дека различните етнички и религиозни групи во земјата би можеле да најдат фер решенија за заедничкиот живот.

„Тие ќе треба да одлучат дека сакаат да ги надминат разликите со уставни и законски сретства“, рече Обама.

Претседателот на САД за време на посетата на Багдад се сретна и со ирачкиот премиер Нури ал Малики. Тој пак, ги повика странските компании повторно да инвестираат во Ирак.

Посетата на американскиот претседател се случува во време на растечко насилство и серија бомбашки напади во Ирак. Во понеделникот во Багдад беа изведени седум напади во кои загинаа 37 лица. И вчера во експлозија на автомобил бомба во Багдад загинаа девет лица. Во минатиот месец само во главниот град на Ирак во напади животот го загубија 130 лица.


Автор: Улрих Лајдхолд/ ДВ/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска