Обама доаѓа на комеморацијата за Мандела
7 декември 2013Комеморативната церемонија за Нелсон Мандела би можела да биде еден од најголемите општествено политички настани на годината. Само од Соединетите Американски Држави во Јоханесбург имаат намера да допатуваат актуелниот претседател Барак Обама и неговите двајца претходници Џорџ Буш помладиот и Бил Клинтон. Весникот „УСА тудеј“ (Ју-ес-еј тудеј) јави дека е можно на церемонијата да присуствува и уште еден поранешен претседател на САД, 89-годишниот Џими Картер. Своето присуство во Јоханесбург го најави и францускиот претседател Франсоа Оланд. Кој ќе ја претставува Германија сѐ уште не е познато. Централната комеморативна церемонија за поранешниот јужноафрикански претседател треба да се одржи на 10 декември, на ФНБ стадионот во Јоханесбург.
Нелсон Мандела ќе биде погребан на 15 декември во селото на своите претци, Куну, на Источниот Р’т, соопшти вчера претседателот на земјата Џејкоб Зума. Во Јужноафриканската Република е прогласена седумдневна национална жалост, а до погребот на Мандела националните знамиња низ целата земја ќе бидат спуштени на половина копје.
Мандела, иконата на борбата против апархејдот во Јужноафриканската република и еден од највлијателните политички личности на 20 век, почина во четвртокот (05.12.2013) на 96 години во неговиот дом, во предградие на Јоханесбург.