1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги фали Французите

ЕМФ/дв/макфакс12 февруари 2014

Американскиот претседател Барак Обама го пречека својот француски колега Франсоа Оланд со свечена церемонија и величествен државен банкет. Пораката гласи - Франција е важен партнер на САД.

https://p.dw.com/p/1B7Cr
Фотографија: Reuters

По интонирањето на двете химни пред Белата куќа, Оланд и Обама ги истакнаа долгогодишните врски меѓу Париз и Вашингтон, но и желбата соработката да се продлабочи и прошири во многу области.

„Бонжур е сѐ што знам да кажам на француски. Голема чест претставува да се угости пријателот, претседателот Оланд“, изјави Обама во поздравниот говор пред Белата куќа, истакнувајќи дека станува збор за прва државна посета на некој француски претседател на САД во последните речиси дваесет години.

„Мораме повеќе да соработуваме“, истакна американскиот претседател, изговарајќи го и мотото на Француската револуција „Либерте, егалите, фратерните“ (слобода, еднаквост, братство).

Оланд, пак изјави дека двете земји „заедно“ работат на решавањето на големите предизвици на нашето време. „Заедно сме во борбата против тероризмот, заедно сме за да одговориме на ширењето на нуклеарното и хемиско оружје, заедно во решавањето на кризите на Блискиот исток, заедно во изнаоѓањето на решавањето за Сирија, заедно во развојот на Африка, заедно, секогаш заедно во борбата со климатските промени“, истакна францускиот претседател.

Francois Hollande Staatsbesuch in den USA
Оланд без дама покрај себеФотографија: Reuters

На заедничката прес-конференција, двајцата претседатели се осврнаа и на темата НСА. Оланд рече дека меѓусебната доверба е повторно воспоставена, а аферата со прислушувањето од страна на американската тајна служба е завршена. По откритијата за масовно прислушување на француските граѓани, Оланд, како што нагласи, водел разговор со Обама при што се расчистени недоразбирањата. Американскиот претседател пак, нагласи дека Вашингтон не склучил договор за нешпионирање со ниту една земја, но дека САД прават напор да ја почитуваат приватната сфера на „луѓето ширум светот“.

Францускиот претседател, кој во САД е без женска придружба откако се раздели од долгогодишната животна сопатничка Валери Триервајлер, денеска (12.02) ќе ја посети Силиконската долина и заедно со делегација француски претприемачи ќе се информира за можностите за поинтензивна меѓусебна соработка.