1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама ги пофали војниците на САД во Ирак

АТ/ афп/ ап20 март 2013

Пред точно десет години американски војници навлегоа во Ирак. По тој повод американскиот претседател Барак Обама го пофали ангажманот на војнциите и не најде ниту еден критичен збор за неговиот претходник.

https://p.dw.com/p/180Vs
Фотографија: AFP/Getty Images

Пред точно десет години, на 20. март 2003 година започна спорното навлегување на американските трупи во Ирак. Претседателот Барак Обама по овој повод му оддаде признание на ангажманот на војниците на САД. „И’ се восхитуваме на храброста и одлучноста на повеќе од 1,5 милиони припадници на армијата и цивили“, појасни Обама во Вашингтон. Претседателот потсети на речиси 4.500 американски војници кои беа убиени во Ирак. Но, со ниту еден збор Обама во своето соопштение не ги спомена повеќе од 100.000 убиени ирачки цивили.

Без мандат од Обединетите нации поранешниот претседател на САД Џорџ Буш испрати американски трупи во Ирак. Предводејќи ја т.н „Коалицијата на волните“ американската армија во рок од четири недели го собори тогашниот властодржец Садам Хусеин. Владата на Буш го правдаше навлегувањето во Ирак со наводна закана од оружје за масовно уништување како и наводни контакти на Садам Хусеин со терористичката мрежа на Ал Каеда. Двете причини подоцна се покажаа како погрешни. Ирак по инвазијата потона во хаос и насилство. На крајот на 2011 година последните американски трупи ја напуштија земјата.