1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама во посета на Турција

6 април 2009

Американскиот претседател Барак Обама ја завршува првата европска турнеја со посетата на Турција. Тоа се смета за потврда на стратешкото партнерство меѓу двете земји и потврда за важноста на Турција за Запад.

https://p.dw.com/p/HQyf
По говорот во Прага на разговори во Анкара: Обама ја завршува европската турнејаФотографија: AP

Во турската јавност владее голема возбуда поради посетата на американскиот претседател. Тоа што и Анкара се најде на списокот при првата европска турнеја на Барак Обама, се смета за потврда на стратешкото партнерство меѓу двете земји и потврда за важноста на Турција за Западниот свет. Новата американска администрација не крие дека очекува од Турција да продолжи со посредувањето меѓу Сирија и Израел околу Голанската висорамнина, исто како и со логистичката поддршка за американските војници во Ирак. Турскиот воен аеродром во Инџирлик, имено, е суштинска алка во снабдувањето на американските сили во Ирак. Поради сето тоа премиерот Реџеп Таип Ердоган самоуверено изјавува: „За време на посетата на господинот Обама секако ќе разговараме за билатералните и регионалните прашања, но исто така и за досегашната и идината улога на Турција во овој регион.“

Türkischer Premierminister Tayyip Erdogan
Не го крие задоволството од посетата на Обама: премиерот Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: AP

Во турската јавност силно одекна барањето на Обама на самитот ЕУ - САД во Прага за прием на Турција во Европската унија. Друг проблем е тоа што Франција и Германија не го прифатија предлогот на Обама со одушевување.

Има и непријатни теми

Меѓу темите за разговори што денеска во Анкара ги води американскиот претседател e и прашањето на геноцидот врз Ерменците. Обама, имено, во предизборната кампања им вети на Ерменците од дијаспората дека ќе се заложи за означување на овој злостор на Османлиското царство врз ерменското малцинство во Турција како геноцид. Турските власти огорчено се опираат на ваквите квалификации.

Гласот на народот

Турските граѓани, пак, ја дочекаа посетата на Обама со поделени мислења:

„Неговата посета е важна, очекувам да ни помогне барем со совети во надминувањето на економската криза. Нашата влада не се покажа многу способна по ова прашање.“

Obama Go Home auf Türkisch
Во Истанбул имаше протести против посетата на ОбамаФотографија: AP

„Тој не е толку несимпатичен како Буш, Обама е посимпатичени и помек. Во Турција ужива голем углед и популарноста на САД повторно е во пораст овде. Можеби затоа што луѓето веруваат оти тој е муслиман, па и се вика Хусеин, зарем не?“

„Тој е овде поради интересите на неговата земја. Нему му треба Турција како место за повлекување на трупите од Ирак, а сигурно ќе бара и повеќе турски војници за Авганистан, “трезвено размислува еден граѓанин.

Попладнево Обама во Истанбул ќе зборува на средбата „Алијанса на цивилизациите“, организирана на иницијатива на ОН. Традиционалната средба треба да послужи како форум за дијалог меѓу западниот и исламскиот свет.

Автор: Улрих Пик/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска