1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама во офанзива на убедување

Нилс Науман/ Жана Ацеска3 септември 2013

До пред кратко време се чинеше дека е дојден часот за воена интервенција против Сирија. Но, Обама сега се обидува да ја добие поддршката на Конгресот за неа, која воопшто не е сигурна.

https://p.dw.com/p/19aUu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската влада со полна пареа се обидува да ги убеди пратениците и јавноста за наводно краткотраен, „молскавичен“ воен напад врз Сирија. До 9.септември, кога завршува летната пауза на американскиот Конгрес, Обама зад себе треба да има мнозинство гласови.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери, еден од поборниците на опоменувањето на режимот на Асад, презеде медиумска офанзива. Потпретседателот Џо Бајден и шефот на кабинетот на Обама, Денис Мекдоноу ги „вжештија“ телефоните, обидувајќи се на своја страна да придобијат што повеќе конгресмени.

Голема група, почнувајќи од Демократите уморни од војна до изолационистички настроеното ултраконзервативно движење Ти парти на Републиканците, се против уште една американска воена интервенција. За некои критичари пак плановите на Обама не се доволно обмислени. Наместо брз воен напад, сенаторите Џон Меккеин и Линдси Греам инсистираат на соборување на режимот на Башар ал-Асад. Обама пак истакна-целта на американската акција не е промена на власта во Сирија.

„На крајот Конгресот ќе се покаже на висина на задачата“, верува републиканскиот претседател на Комисијата за тајните служби во Претставничкиот дом, Мајк Роџерс. Но, оваа убеденост не ја делат сите. Неговиот сопартиец, сенаторот Ранд Пол зборува за фифти-фифти шанси: „Сенатот ќе се согласи со барањето на Обама, но во Пратеничкиот дом мнозинството е тесно“.

Syrien 01.09.2013
Во Сирија беснее насилствотоФотографија: Reuters/Malek Alshemali

Шефот на американската дипломатија, Џон Кери, истакнува- Обама ќе нападне, без разлика што ќе реши Конгресот.

Но, одбивањето на Конгресот би била бламажа за претседателот: „Обама јавно отиде премногу далеку. Ако потоа не се случи ништо, САД можат да се збогуваат од имиџот на светска сила“, објаснува германскиот историчар и публицист Михаел Штирмер.

Но, и Штирмер е критичен кон нападот против режимот на Асад: „Недостига јасна определба што се сака со нападот“.

Русија останува на „не“

Додека Обама собира согласност во својата земја, Русија и натаму агира против воена интервенција во Сирија. Она што Американците, Британците и Французите досега го презентираа како доказ дека сириската власт на Башар ал-Асад употребила хемиско оружје, „нам апсолутно не ни е убедливо“, истакна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Според него, нема ништо конкретно, никакви географски карти, имиња, наместо тоа, многу небулози. Претседателот Путин најави испраќање делегација на разговори во Вашингтон.

Русија и Кина заеднички во Советот зе безбедност на ОН блокираат донесување резолуција против режимот на Асад. Нема изгледи за промена на нивната политика.

Russland Außenminister Lavrov 02.09.2013
Русија не е убедена од доказите на САД: Сергеј ЛавровФотографија: picture-alliance/dpa/Maxim Shipenkov

Дури и кај сојузниците на Обама неговиот план за воена интервенција е спорен. Откако британскиот парламент се изјасни против доставеното барање за британско учество во воена интервенција од премиерот Дејвид Камерон, на страната на Обама е само уште Франција. Во Париз за утре (04.09.2013) е закажана вонредна седница на Националното собрание за сирискиот конфликт.

Германија исто така го кажа својот став, нема да учествува во воена интервенција, за владата во Берлин е клучен мандат на ОН, исто тоа важи и за евентуалниот чекор на САД.

Надеж во дипломатија

Можност за враќање на дипломатска маса во поглед на сирискиот конфликт би бил самитот на Г20 во рускиот град Санкт Петербург, кој почнува в четврток (05.09.2013). Таму ќе се сретнат и американскиот претседател Барак Обама и рускиот, Владимир Путин. И Маркус Каим, експерт за Блискиот Исток од фондацијата Наука и политика пледира за политичко решение: Постојат напори страните во конфликтот да седнат на една маса и да се свика мировна конференција“.