1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: Антиисламското видео е навреда и за САД

Клаудија Сара/ дпа/ афп/ ртр/ A. Трајковска26 септември 2012

Во Њујорк почна Генералното собрание на ОН. Американскиот претседател Барак Обама во својот говор го предупреди Иран од ескалација во атомскиот спор. Тој се осврна и на последниот бран насилство во исламскиот свет.

https://p.dw.com/p/16Eae
Фотографија: Getty Images

На најверојатно последниот говор пред меѓународната заедница пред претседателските избори во САД, претседателот Обама го искористи својот настап во ОН да упати остро предупредување до Иран во спорот со атомската програма на оваа земја. Тој го повика Техеран да не игра на време. Обама одбегна зборови кои упатуваат на употреба на воена сила, но притоа јасно стави до знаење дека САД нема да прифатат еден атомски воружан Иран.

„Затоа Соединетите Држави мора да направат се’ што мораат за да спречат Иран да дојде во посед на атомско оружје“.

Francois Hollande 67. Vollversammlung Vereinte Nationen
Францускиот претседател Франсоа ОландФотографија: Reuters

Иран со нуклеарно оружје ја крие опасноста за „уништување“ на Израел. Освен ова со тоа би била загрозена безбедноста на заливските држави како и стабилноста на светската економија. Истовремено Обама го обвини Иран дека го поддржува сирискиот режим.

„Во Сирија иднината не смее да му припаѓа на еден диктатор, кој го убива својот народ“, изјави Обама. Тој се заложи за драстични мерки против Дамаск. Властодржецот Асад мора да почувствува санкции и консеквенции. Обама во својот говор се осврна и на насилните анти - западни протести во многу муслимански земји. Нападите врз цивили во Бенгази беа напади врз Америка, смета претседателот на САД. Антиисламското видео, кое беше предизвикувач на радикалните протести Обама го нарече „одвратно“ и „навреда за исламот“, но и за САД.. Сепак, филмот не е оправдување за насилство. На луѓето во арапскиот свет Обама им препорача трпение при политичките пресврти во нивните земји.

За ситуацијата во Сирија пред ОН говореше и францускиот претседател Франсоа Оланд. Тој ја повика светската организација итно да пружи поддршка за сириското население. Оланд во својот прв говор пред Генералното собрание се заложи и ОН да ја поддржат сириската опозиција. Стариот режим на Башар ел Асад „го загубил местото во меѓународното семејство“ и „никогаш повторно нема да може да биде меѓу нас“, рече Оланд.

Emir von Katar vor den Vereinten Nationen
Eмирот од Катар, шеик Хамад бин Калифа ал ТаниФотографија: Emmanuel Dunand/AFP/GettyImages

Чекор подалеку по сириското прашање отиде емирот од Катар. Поради константната блокада во Советот за безбедност, Катар предложи воена интервенција од арапските држави во Сирија. Со оглед на тоа што пропадна меѓународната кризна дипломатија, било „подобро за арапските држави, самите да интервенираат поради своите хуманитарни, политички и воени обврски“, изјави емирот од Катар, шеик Хамад бин Калифа ал Тани. ОН мора „да преземат се’ што е неопходно за да го сопрат крвопролевањето во Сирија“.

Катар заедно со Саудиска Арабија и Турција ги поддржува воглавно сунитските бунтовници во Сирија. Иран напротив му помага на претседателот Асад, чија алавитска верска група ги има корените во шиитскиот исламски правец. Советот за безбедност на ОН е блокиран поради вето од страна на Кина и Русија против санкции за Сирија.