1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оаза без криза - никаде како на Миконос

Гунар Кене/ Симе Недевски13 октомври 2013

Додека Грците на копното страдаат од кризата, на жителите на Миконос им оди одлично. Во што е тајната на успехот на прочуениот туристички остров?

https://p.dw.com/p/19lnP
Фотографија: Robert Harding World Imagery

Насекаде сина и бела боја. Толку блескаво убави, речиси заслепуваат. Островот Миконос во архипелагот Киклади го има сето она што Грција ја прави единствена. Овде сѐ уште е сѐ во ред. Островот дневно го посетуваат 90.000 туристи. Невработени нема, а оној кој тука купува - има пари. Во луксузните продавници на Миконос сѐ уште има купувачи.

Што го прави островот поинаков? Или подобар? - се прашуваат многумина. Градоначалничката Ирини Грипари знае едно: тука се богати само локалните жители и посетителите.

„Ние сме богат остров, но општината од тоа нема речиси ништо. Поради тоа веќе не можеме да вработиме луѓе. Затоа, мене всушност не ми оди подобро отколку на другите градоначалници во Грција. Ги имам истите проблеми како и сите останати“, вели Грипари.

На Миконос нема попладневна пауза

Mykonos
Фотографија: picture-alliance/Rainer Kiedro

Имено, речиси сите приходи од данокот одат директно во Атина. Не, тајната на островот не е во управата на „кнежевството“, како што Грците го нарекуваат Миконос. Како е, тогаш, можно оваа година 5.500 Грци од копно тука да најдат нова работа? Еден од нив, фризерот од Атина Јанис Теодоропулос, има одговор на тоа прашање. „Немаме никаква поддршка од владата. Немаме ништо, верувајте. Одиме на приватен лекар бидејќи државните болници немаат што да понудат.“

Тој може да си го дозволи тоа со цените на услугите: неговите муштерии за потстрижување плаќаат 20 евра, што во Атина чини 12. Богатите Арапи оставаат и трицифрени износи.

„Луѓето тука работат 15 часа во денот. Работат многу напорно и даваат многу добри услуги“, вели фризерот Јанис.

Дали жителите на Миконос се поработливи од другите Грци? На Миконос нема попладневна пауза, која инаку се практикува во цела Грција. Продавниците се отворени цел ден.

И, овде се инвестира во иднината. Нов луксузен хотелски комплекс е отворен на почетокот на јули. Ноќевање чини 250 евра. Гостите од тој профил би требало да му обезбедат економски подем на Миконос.

Грчките проблеми...далечни

Screenshot Europanorama
Фотографија: DW

Инвестиции и покрај кризата. Фризерот Теодорополус ѝ се восхитува на храброста на сопственикот на хотелот. Островските претприемачи се полни со самодоверба.

„Најверојатно причина за успехот на островов е што не ни е принцип ’прво парите, па услугата‘. На Миконос прво се грижиме гостите да доживеат прекрасно искуство, а потоа, секако, доаѓа цената за тоа. Мислам дека тоа не одвојува од останатите“, истакнува Панајотис Дахтилидис сопственик на хотелот.

Во септември на Миконос нема слободни места. До крајот на годината островот ќе го посетат околу 2 милиона луѓе, 60 проценти повеќе отколку во минатата сезона. Сосема оправдано, велат туристите.

„Секаде во Грција луѓето се опуштени и гостољубиви. Но, тука можете да најдете сѐ.“

Миконос, грчки остров. Грција и нејзините проблеми во овој период никаде не изгледаат толку далечни, како тука.