1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„НЦЦ“: Кавга за спомениците во Скопје

АТ/ НЦЦ/ ТШ/ ФР13 јануари 2014

Весникот „НЦЦ“ донесува напис за спомениците во Скопје. Германски „Тагесшпигел“ ја обработува дебатата околу Првата светска војна и „вината“ на Србија. „ФР“ пак го коментира стравот од „доселувањето од сиромаштија“.

https://p.dw.com/p/1Apj2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Ноје Цирхер Цајтунг“ поаѓајќи од честопати цитираната реченица на Черчил „дека Балканот продуцирал повеќе историја, отколку што би можел да свари“, проценува дека токму спротивното е случај и пишува:

„Во секој случај Балканот нема вишок историја туку недостиг на легитимитет. Оттука резултираат идеолошките борби, кои ја инструментализираат историјата, за да го оправдаат постоечкиот поредок или да го претстават како неправеден. Да се аргументира историски овој натисок, Черчил даде погрешна дијагноза дека тој проблем тешко може да се свари.

Посебно добро ова може да се набљудува во главниот град на Република Македонија. Таму националконзервативната влада постави шума од споменици. Тие треба да му дадат историски белег на местото, како во времето пред тоа да стане титовистички провинциски град. Само која историја треба да биде излеана во бронза во земја во која Македонците, Албанците, Турците, Ромите и Србите повеќе живеат едни покрај други отколку во соживот? Споровите се предпрограмирани - не затоашто Македонија имала 'премногу историја', туку оти на земјата ѝ паѓа тешко да биде татковина и да биде прифатена од сите“.

Весникот понатаму пишува за незадоволството на група Албанци кои со чекани сакале да го урнат споменикот на Цар Душан. „Со акцијата избија од плотот само оние 'историски дебати', кои малку се поврзани со историјата, а многу повеќе со сегашноста“, заклучува „НЦЦ“ напоменувајќи дека и други протестираат, иако поинаку, но, „исто така незадоволни со официјалниот избор на споменици“.

Весникот „Тагесшпигел“ за дискусијата која се води во Србија и реакцијата на книгата на Кристофер Кларк пишува:

„Режисерот Емир Кустурица е шеф на Комитетот во Србија кој ги конципира и координира манифестациите по повод Првата светска војна. Кустурица се инсценира токму како борец против наводна 'погрешна интерпретација на историјата', од која Србија наводно треба да се плаши.

Bildergalerie Serbien Politisches Graffiti
Графит со слика на Гаврило ПринципФотографија: DW/N. Tabak

Неодамна тој изнесе документ, кој австрискиот воен гувернер во Босна и Херцеговина, Оскар Потиорек во мај 1913 година му го напишал на виенскиот министер за финансии Леон Билински.

Документот би требало да докаже дека Србија неможела да носи соодговорност за Првата светска војна, бидејќи Австро-Унгарија долго пред атентатот на престолонаследникот Франц Фердинанд во јуни 1914 година одлучила да ја нападне Србија.

Во Србија некои весници еуфорично го прифатија овој документ. Србија не била виновна, гласеше тенорот. Со оглед на ваквите написи историчари како Данило Шаренац кој истражува на Институтот за современа историја во Белград, само одмавнуваат со глава. Документот бил 'речиси нерелевантен', смета тој. Меѓутоа во Србија било проширено мислењето, дека оваа земја се сметала 'одговорна за секоја војна'. На Кустурица му е токму до тоа: Србија мора да бида одбранета од наводните напади“.

Во однос дебатата околу „доселувањето од сиромаштија“ во Германија весникот „Франкфуртер Рундшау“ коментира:

„И во иднина никој неможе едноставно да дојде во Германија, овде да пријави место на живеење и веднаш да наплати Харц 4 (социјална помош, н.з.). Кој тврди нешто друго, за со стравот на луѓето од губење на добросостојбата да води изборна кампања за европските избори и да поттикнува одбивност кон странците, тој се однесува неодговорно. Според актуелното германско право, еден Французин без финансиски средства - не мора секогаш да биде Романец- има право на надомест, доколку работи само шест часа во неделата. Тоа не доведе до имплодирање на социјалниот систем“, коментира „Франкфуртер Рундшау“.