1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нуркање со таблет-компјутер

Карстен Ленц / Александар Методијев6 февруари 2014

Игрите за деца добиваат поинаква димензија - подводна. Иновацијата од Германија оди во насока на развивање на подводна игра, за која е потребно користење на водоотпорен таблет-компјутер.

https://p.dw.com/p/1Aysr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тие се во научна мисија - Пија, Луис и Пер ја тестираат првата подводна игра со т.н. „зголемена реалност“. Таа беше развиена во институтот „Фрауенхофер“ во Санкт Аугустин кај Келн. Со водоотпорни таблет-компјутери децата одат во виртуелен лов на предмети, животни и растенија во еден дигитален подводен пејзаж.

„Да се отрстрани отпадот, да се фатат риби, да се најдат желки и такви работи“, објаснува што прави во базенот едно од момчињата.

На дното на базенот истражувачите инсталираа метални плочи. На нив се покажани различни морски пејзажи. Компјутерот се грижи за тоа децата да можат тродимензионално да гледаат и животните да можат да се движат. Децата потоа мораат привидно да ги ловат рибите. Искуството со техниката на водоотпорни таблети е новина во светот.

Bildergalerie Deutschlands Schwimmhallen Frankfurt/Oder
За нуркањето со таблет се потребни пливачки вештиниФотографија: picture-alliance/dpa

„Забележливо е дека уредите се водоотпорни. А, техниката во нашиот секојдневен живот и така и така е навлезена. Секому ова му е познато - таблет на каучот, телефон в рака и конзола за игри во плакарот. Во подводниот свет техниката сѐ уште не се користи толку многу. Се прават први чекори. Ние сме едни од тие кои ги прават првите чекори и сме први во областа на игрите“, објаснува Лајф Оперман, кој е раководител на проектот.

Ова ќе се тестира цела недела. Околу 40 деца можат да учествуваат. Пријавени беа двојно повеќе. Играта трае околу 20 минути. Пер и Луис веќе ги решија сите задачи, а Пија е кон финишот. По играта, истражувачите сакаат да дознаат од децата дали сѐ функционирало, што би можело подобро да се направи и дали таа ним им се допаднала.

Symbolbild Kinder Bücher Tablet PC lernen Schule
Децата во скора иднина нема да ги користат таблетите само за играње игри на суво, туку и за под водаФотографија: Fotolia/Karin & Uwe Annas

„Ова е многу забавно“, вели едно од момчињата.

„Сметам дека е кул, бидејќи ова е нешто поразлично од само играње со некој таблет“, вели другото момче.

„Ова е вистински забавно“, додава девојчето.

Целта на истражувачите е да го завршат комплетниот подводен пејзаж во базен, за потоа да се истражува со таблет-компјутерот. Технички се чини дека ова наскоро ќе биде можно.