1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нуждата води кон дијалог

5 декември 2008

Тибетскиот водач Далај Лама ја заокружи серијата предавања на религиозни лидери во Европскиот парламент на тема интеркултурен дијалог. Настап со политичка димензија поради ставот на Пекинг - коментира Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/GAAv
Далај Лама - духовен и световен водач на ТибетанцитеФотографија: AP

Претседателот на Европскиот парламент Ханс-Герт Петеринг го поздрави Далај Лама исклучиво како религиозен водач. За кинеската влада Далај Лама е далеку повеќе од тоа - во него таа гледа човек кој сака да предизвика расцеп на татковината, опасен сепаратист. Поради тоа Пекинг се обидува да спречи негови средби со политичари и јавни настапи со ефект во медиумите за масовно информирање. Врши притисок, се заканува, повлекува покани на гости или откажува посети на кинески делегации во странство.

Така, кинеската влада го откажа самитот ЕУ-Кина, што беше планиран за први декември, затоа што актуелниот претседавач со Унијата, францускиот претседател Никола Саркози, ќе се состане со Далај Лама утре во Гдањск на една средба на носители на Нобеловата награда за мир, свикана од Унијата. И тибетскиот водач е добитник на таа награда.


Ниедна жртва не е преголема за да се спречат меѓународни средби на Далај Лама


На Кина не и’ пречи што откажувањето на самитот со ЕУ е на нејзина штета. Токму сега, кога финансиската криза се заканува да стане светска економска криза, дијалогот на двата економски гиганта ќе беше посебно важен. Во Кина веќе стотици фабрики мораа да ги затворат портите, оти нема нарачки од странство. Раководителот на државната комисија за развој и реформи минатата недела предупреди на можна социјална нестабилност, доколку продолжи опаѓањето на стопанските активности. Истото предупредување го повтори на викендот и претседателот на државата Ху Џинтао. Но, кога странски политичари се среќаваат со Далај Лама, за кинеската влада, се чини, ниедна жртва не е преголема. Жалосно е што досега никој од кинеското раководство не разговараше со него, а информациите за Далај Лама проаѓаат прво низ заплеткани патишта на бирократијата, пред раководството да ги прими на знаење.


Пораката на Далај Лама и во Брисел беше - определба за дијалог

Deutschland China Tibet Dalai Lama in Bochum Pressekonferenz
Фотографија: AP


Тој повторно повеќе пати отфрли секаков стремеж кон сопствена држава, повеќе пати нагласи дека Тибетанците и во сопствен интерес сакаат да останат дел од кинеската државна творба. Тибетанците сакаат модернизација, но и да учествуваат во нејзиното креирање во рамките на малцинските права гарантирани со уставот. По собранието на Тибетанците што живеат во бегалство минатата недела во индискиот град Дарамсала, Далај Лама може да биде сигурен во нивната подршка за неговиот „среден пат“.


Дел од Кинезите со понапредни гледања спрема Тибет отколку владата


Закачката е во Кина: таму нема уставен суд, каде ќе можат да се побараат своите права. Се чини дека во тамошното раководство токму се наметнаа поборниците за цврст став, луѓе кои мислат дека прифаќањето на кинеската држава од страна на Тибетанците поедноставно може да се изнуди со сила, отколку да се придобие со мерки за градење на доверба. Делови од кинеското население во тој поглед веќе се многу понапред: во смело, јавно писмо, кинески интелектуалци ја повикаа владата да ја преобмисли политиката спрема Тибет и понудија 12 конкретни предлози. Тоа беше на крајот на март, по безредијата во Тибет. Тие пламнаа на 49-годишнината на кинеското навлегување во Тибет. Наредната година претстои заокружена годишнина. Нуждата води кон дијалог, од интерес за сите.